Туризам

Охридските хотели почнаа да се полнат со домашни туристи

18.07.2020 16:45

Во хотелите долж Охридското Езеро е сѐ поголем бројот на домашните туристи. Иако за овој викенд очекувањата беа поголеми, нестабилното време придонесе за откажување на дел од аранжманите. Сепак од наредниот викенд, а особено за Илинден се очекува хотелските и другите капацитети да бидат искористени помеѓу педесет и осумдесет проценти...

Иако временските услови викендов не им се наклонети на охриѓани, сепак на крајбрежјето на Охридското Езеро допатуваа туристи од целата земја. Искористеноста на поголемите хотелски капацитети се движи помеѓу 30 и 40, а во оние со помалку легла и до 60 проценти.

„Можеме да кажеме дека веќе започна туристичката сезона, се чуствува една раздвиженост и интерес за користење на капацитетите во регионов. Можеме слободно да кажеме дека надвор од викендите 50 проценти се искористени капацитетите со гости, а за викенд има поголем интерес“, изјави Љупчо Цветаноски- хотелиер.

„Гостите се концентрирани за викендите каде што имаме поголеми барања за користење на нашите услуги. Од наша страна во хотелскиот објект се преземени сите мерки за заштита на здравјето на луѓето и персоналот и затоа препорачувам сите што се двоумат да го посетат Охрид“, вели Јован Китрозоски- менаџер во хотел.

Туристите се задоволни од услугите и уште повеќе од начинот на кој се спроведуваат мерките за заштита од коронавирусот.

„Во Охрид повеќе време престојуваме, не дека ни е прв пат. Сме престојувале и во други држави меѓутоа сега заради настанатата ситуација, нова како што е ковидот, решивме да се релаксираме овде на нашиве простори и се чуствуваме одлично. Хотелот ги има сите услови, што да кажам, крајбрежјето е супер, услугата е на врвно ниво.“

„Се прави дезинфекција постојано, се прави дезинфекција на лежалки, на соби, на лифтот, има заштитни маски, средства за дезинфекција. Мислам дека посигурно не може да биде. И затоа решивме да престојуваме во хотел.“

Хотелиерите велат дека шпицот на туристичката сезона како и секогаш ќе биде во текот на илинденските празнувања. Дел од капацитетите се веќе закупени, а владее голем интерес за доаѓање и кај граѓаните што добија ваучери. Најавите велат дека искористеноста на хотелите во тој период ќе достигне и над 80 проценти, со што барем малку ќе се амортизира ударот што на туризмот му го нанесе здравствената криза.

Сашо Нелоски