Опозицијата во Бугарија во петти обид да го собори кабинетот на Борисов
По неколкудневните антивладини протести на улиците на Софија, бугарското собрание ја почна расправата за изгласување недоверба на кабинетот на Бојко Борисов. Тешки обвинувања од опозициските социјалисти и став на владејачката ГЕРБ дека мандатот ќе се доврши до крај. Разврската ќе се знае утре по гласањето...

Петти обид на опозицијата во Бугарија да го собори кабинетот на премиерот Бојко Борисов. Пратениците на Националното собрание расправаат за предлогот за недоверба на владата поднесен од опозициската Бугарска социјалистичка парија. Гласањето ќе се одржи утре.
„Причините за незадоволството во јавноста се длабоки. Се темелат на револтот кон корумпираниот борисов и олигархиско-мафијашкиот модел на управување кој го има изградено“, изјави Корнелија Нинова- Бугарската социјалистичка партија.
Бугарскиот премиер е во Брисел на Самитот на Европскиот совет. Минатата недела изјави дека по иницијативата за доверба, ќе има голема реконструкција на владата. Подоцна им нареди оставки на министерот за финансии, за внатрешни работи и министерот за економија, но оставките се уште не се прифатени. Од неговата партија велат дека имаат за цел го истераат мандатот до крај.
„Со оглед дека постои легитимно избран парламент, наша заедничка одговорност е да го завршиме мандатот, да го помогнеме законодавството и да ги преземеме сите дејствија за справување со кризата и притоа да обезбедиме одржување легитимни избори“, изјави Даниела Дариткова - претседател на Герб.
Жестока дебата внатре, протести надвор пред зградата на парламентот. 12-ти ден незадоволни граѓани се на улиците во Софија и уште неколку бугарски градови. Бараат оставка од владата и од главниот обвинител. Учесниците велат дека им се потребни реформи, крај на корупцијата и воспоставување на владеење на правото.
„Потребна ни е оставка и промена во целата држава. Многу нешта мора да се сменат. Незадоволството ги извади луѓето на протест.“
„Ова управување повеќе не е добро за нас... Политичарите треба да го претставуваат народот и затоа сме тука. Бараме достоинствен живот во Бугарија.“
Демонстрациите почнаа откако главниот обвинител Иван Гешев нареди претрес на Кабинетот на претседателот Румен Радев и апсење на двајца негови соработници. Гешев го обвини Радев за неуставно однесување и дека ја нарушил независноста на судството и извршил притисок врз обвинителството.
Маријана Димовска
