Брисел

Европска унија постигна историски договор

21.07.2020 12:41

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека тешките преговори во тешки времиња завршиле добро за сите земји членки и за народот на Европа. Истакна дека е договорено европскиот буџет во наредните 7 години да биде поддржан со 1.074 милијарди евра со дополнителни 750 милијарди ...

Лидерите на 27 земји членки во Брисел постигнаа договор за економското заздравување на унијата од економската криза поради Ковид-19 вреден 1.824 милијарди евра, за периодот од 2021 до 2027 година.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел рече дека тешките преговори во тешки времиња завршиле добро за сите земји членки и за народот на Европа. Истакна дека е договорено европскиот буџет во наредните 7 години да биде поддржан со 1.074 милијарди евра со дополнителни 750 милијарди  кои ќе бидат мобилизирани за заздравување на економијата. 390 милијарди се грантови, а 360 заеми што е надолна корекција во однос на првично планираното.

Ова е добар и силен одговор. Покажавме колективна одговорност и верба во заедничка иднина. Верувам дека на овој договор ќе се гледа како на решавачки момент на европскиот пат кој ќе не лансира во иднината“, изјави Мишел.

Мишел рече дека со новиот договор, буџетот ќе биде силно поврзан со климатските цели, и дека владеењето на правото станало решавачки критериум за трошење на буџетот.

Германската канцеларка Меркел оцени дека ЕУ е способна да делува заеднички, дури и во период на голема криза и дека е подготвена да применува нови решенија во необични околности.

Тоа е важен сигнал кој го испраќаме и надвор од границите на ЕУ, иако секоја е загрижена на поинаков начин, но е подготвена да преземе акција“, рече германската канцеларка Меркел.

И францускиот претседател Макрон го поздрави „историскиот ден“ во Европа.

Тоа е историска промена за нашата Европа и за нашата Еврозона. Направен е голем чекор“- нагласи Макрон.

Преговорите првично беа планирани да траат два дена, но различните ставови ги принудија лидерите да продолжат со преговорите.

Преговаравме 4 долги денови, но вредеше. Сега имаме нови сопствени ресурси. Ова е голем чекор напред, со јасен распоред“, рече претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лејен.

Се очекува договорот да биде усвоен и од Европскиот парламент, кој во брз рок најави одржување на специјална пленарна седница.

 

Марина Ристова