СЗО: Претстои долг пат до ефикасна вакцина
Научниците во светот истражуваат 160 потенцијални вакцини, 23 експериментални се веќе вбризгани во доброволци. Кој ќе победи во трката, уште е неизвесно. Светската здравствена организација предупредува- постои долг пат до ефикасна вакцина...
Светската здравствена организација ги поздрави резултатите од првичното тестирање на две експериментални вакцини против коронавирусот, но предупреди дека претстои долг пат до ефикасна вакцина.
„Сметам дека ова е добра вест. Но, сега треба да преминеме на поголеми испитувања во реалниот свет. Добро е да се согледаат повеќе податоци и производи што влегуваат во оваа многу важна фаза на откривање на вакцините“, изјави Мајк Рајан, шеф за вонредни состојби во СЗО.
Научниците од универзитетот во Оксфорд објавија дека првите тестови на нивната експериментална вакцина покажале дека предизвикува заштитна реакција на имунолошкиот систем кај стотици луѓе кои ја примиле. Се очекува вакцината да биде подготвена до крајот, најдоцна наредната година.
„Треба да видиме дали вакцината во Оксфорд е безбедна и клинички ефикасна. Се очекуваат податоци од 9.000 испитаници кои треба да ни кажат дали оние што ја примиле вакцината, без разлика дали создале антитела или не, можат да го убијат вирусот. Ако ги видиме оние неутрализирачки антитела кои убиваат жив вирус, тоа треба да ни даде оптимизам за иднината“, вели Кејт Бингам, шеф на катедрата на работната група за вакцини во Велика Британија.
Во меѓувреме, Русија тврди дека е готова првата вакцина за Ковид-19 создадена од воени експерти и научници од Националниот истражувачки институт за епидемиологија и микробиологија Гамалеја. И кинеските истражувачи објавија резултати од испитувањето на нивната експериментална вакцина што исто така доведе до реакција на имунолошкиот систем. Тимот користел слична техника како и научниците од Оксфорд. Во моментов во светот се развиваат 23 експериментални вакцини.
Бојана Крстевски
