НБА

Крај на црната серија на Пејсерс

12.03.2014 12:01

Индијана победи по 4 загубени натпревари, Оклахома се врати во победнички ритам, Сан Антонио имаше неверојатно прво полувреме, Далас неочекувано потклекна.

Лидерот на Истокот славеше во Бостон (94:83) за прва победа по најдолгата серија порази во тековното НБА првенство. Вест со 24 поени, со 5 скокови, 3 асистенции и со 1 украдена топка беше првото име во составот на победникот. Пол Џорџ и Џорџ Хил додадоа по 12 поени, Хиберт имаше 9 скокови.

Тандер се радуваше против Хјустон (106:98), по два загубени дуела во низа. Кевин Дјурант постигна 42 поена, Вестбрук дополни со 24, а кај поразените Харден реализира 28 поени, со 8 скокови, 9 асистенции и со по една украдена топка и блокада.

Спарс одиграа маестрални 20 минути против Чикаго и во натпреварот што од стартот се движеше во еден правец, водеа со 61:33 на полувремето. На крајот, Паркер имаше 20 поени со 9 асистенции, а Џинобили постигна 24 поени кај победникот, во конечните 104:97.

Вориорс се иживуваа со Маверикс, понижувајќи ги со 108:85, за 5-та победа во низа на Голден Стејт. На другите средби, Детроит победи против Сакраменто (99:89), Минесота против Милвоки (112:101) и Мемфис славеше против Портланд (109:99).

Со 12-те поени против Вориорс, Дирк Ноицки сега е 12-ти стрелец на вечната листа, на  која што го помина Џон Хавличек. Сезонава Германецот напредуваше 5 позиции, престигнувајќи ги Џери Вест, Реџи Милер, Кевин Гарнет и Алекс Инглиш. Пред него се Доминик Вилкинс и Оскар Робертсон, кои што во овој поентерски ритам на Новицки може да паднат веќе наредната сезона.

Индијана (47/17) и Мајами (44/17) се единствените две екипи што обезбедија доигрување со моменталниот скор, на првите две позиции во Источната конференција. По полноќ, интересно ќе биде на мечевите Мајами – Бруклин, Бостон – Њујорк и Сан Антонио – Портланд.