Првите туристи од Полска донесоа надеж во Охрид
Пандемијата не ги спречи, полските туристи стигнаа во Охрид. Авантуристички расположени очекуваат и покрај сите протоколи за заштита од ковид да уживаат во убавините на атрактивната дестинција. Туроператорите велат во преговори се и со други европски земји, но не очекуваат наплив на странски гости. Годинава сезоната ќе се спасува со домашните туристи...

Надеж за туризмот во Охрид, вчера попладне пристигнаа првите туристи од Полска. Пандемијата не ги спречи љубопитните, авантуристички задоени гости да летуваат на брегот на Охридското езеро.
Тие се сместени во студентски дом „Никола Карев“, каде се запазени сите безбедносни протоколи.
„Очекуваме и други туристи во преговори сме и со други европски земји. Се надеваме дека доаѓањето на полјаците ќе одекне во опкружувањето така да се надевам дка и понатака ќе се радуваме и на други туристи во оваа пандемија што го снајде светот“, вели Жарко Куциноски директор на студентскиот дом „Никола Карев“ .
Охрид е атрактивна дестинација за Полјаците, кои лани ги имаше во огромен број. Убавото искуство од минатите години е причина број еден да се летува на охридското крајбрежје.
„Сакаме да патуваме, сакаме да запознаваме нови луѓе. Го сакаме Балканот бевме овде лани и сметаме дека е добра идеја повторно да дојдеме“, вели туристистичкиот водич Матеј Чох од Полска.
Педесеттината туристи од Полска, претежно млади луѓе, патуваа со автобус, велат немале поголеми проблеми на границите, единствено се барало почитување на протоколите.
„На сите граници моравме да дезинфицираме раце и да носиме заштитни маски, полицијата често не проверуваше дали ги почитуваме препораките“, додава Чох.
Првата група туристи од Полска ќе престојуваат до 29-ти јули, веднаш по нив доаѓа втора група, која ќе летува до 4-ти август.
Соња Рилковска
