Чикаго: 14 луѓе повредени во вооружена престрелка за време на погреб
На погреб во Чикаго вооружена престрелка. Отворен оган од автомобил во движење. Поврдени 14 лица. Присутните возвратиле на истрелите. Инцидент како на филм – изјавија очевидците...

Најмалку 14 луѓе се повредени во вооружена престрелка за време на погреб во Чикаго. Инцидентот се случил во озогласениот јужен дел на градот. Од автомобил во движење бил отворен оган кон луѓето кои се наоѓале пред капелата. Присутните, кои исто така биле вооружени возвратиле со истрели кон возилото. На местото на настанот биле пронајдени над 60-тина чаури.
„Насилството станува секојдневие. Секој ден слушаме за пукања и убиства. Мали деца се почесто се жртви. Имам чувство дека живееме во воена зона.“
„Што да кажеме за оваа заедница. Не може да ги пуштиме децата слободно да се движат ниту да си играат, не може слободно да одиме ни до маркет. Сега насилството продолжува дури и на погреби.“
„Ова е трагедија. Кога ќе помислите дека не може да биде полошо се случува ова.“
Противпожарната служба на Чикаго соопшти дека 11-мина се префрлени во болници и се во критична здравствена состојба. Заменик-началникот на полицијата изјави дека е пронајдено запалено возило, едно лице е приведено и се трага по други осомничени.
„Присутните на погребот размениле оган со црно возило кое се упатило кон север. По неколкуминутното пукање, напаѓачите од возилото успеале да побегнат. Едно лице е приведено и нашите детективи работат на случајот. Повредените се лекуваат во пет болници во различни области“, изјави Ерик Картер- началник на полициско одделение во Чикаго.
Градоначалникот на Чикаго, Лори Лајтфут, рече дека очекува помош од федералните агенти, со цел да го потиснат криминалот, кој е во пораст во 2020 година. Пукањето се случи во време кога Министерството за внатрешна безбедност планира да распореди десетици федерални агенти за да му помогне на градот да се бори против растечкиот криминал. Според градската полиција, во однос на истиот период лани, бројот на употреба на огнено оружје е зголемен за 46 насто.
Маријана Димовска
