СЗО: Епидемиолошката ситуација на Балканот загрижувачка
Во ек на туристичка сезона Црна Гора со драстично зголемен број заразени прогласи епидемија на коронавирусот. Епидемиолошката ситуација на Балканот загржува- велат и од Светската здравствена организација. На нивна адреса остри критики од Помпео и Трамп. Бројот на заразени со Ковид-19 во светот надмина 15 милиони луѓе и речиси 620 илјади смртни случаи...

Епидемиолошката ситуација и трендовите на југот на Европа и на Балканот се загрижувачки, оцени началникот на секторот за вонредни ситуации при СЗО, Мајк Рајан. Истакна дека нема сомневање оти жариштето на пандемијата е во Северна и Јужна Америка, но и дека ширењето на вирусот се забрзува и во Африка.
Рајан рече дека иако западноевропските земји успеале да ја стават пандемијата под контрола, се појавиле загрижувачки трендови на југот на Европа и на Балканот. Додаде дека зоната на ризик се уште постои во Европа.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека претседателот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус „го купила“ кинеската влада. Помпео истакна дека своите тврдења ги темели на „цврсти разузнавачки основи“ без да открие дополнителни детали.
Помпео на средба со британски пратеници истакнал дека СЗО е претворена во „политички“ орган кој носи одлуки во договор меѓу генералниот директор на организацијата и Кина, додавајќи дека Гебрејесус станал директор на СЗО со помош на Пекинг.
„Од името на американскиот народ сакам да му изразам сочусвтво на британскиот народ за вашата загуба од оваа пандемија што можеше да се спречи“- рече Помпео.
Помпео и Трамп остро го критикуваат одговорот на СЗО на пандемијата на коронавирусот и ја обвинуваат организацијата дека ѝ помага на Кина во прикривањето на почетните сериозни состојби и изворот на вирусот.
Шведска која е критикувана поради либералниот пристап на пандемијата во моментот ја има една од најцрните статистики во однос на бројот на починати од Ковид-19. Според шведската агенција за здравство, постојат три сценарија, односно процени на бројот на жртви. Според едното, и најцрното сценарио во земјата ќе починат уште 5.800, а според најоптимистичкото уште 200.
Според експертите, по забавувањето на епидемијата, ќе се создадат жаришта низ целата земја, кои ќе бидат полесни или потешки да се контролираат. Веќе познато и видено сценарио и во другите делови од светот за кое се чини дека е вообичаениот пат на Ковид-19.
Марина Ристова
