Фудбал, Лига на шампионите, осминафинални реванши

Барселона и ПСЖ пред промоција, Сити и Баер пред невозможна мисија

12.03.2014 12:49

Ако по гостинскиот триумф на Барселона од 2-0 сите го прогласија осминафиналниот двомеч за решен, може ли некој и сега да биде категоричен во тоа, откако Каталонците загубија два од последните три меча во шпанската лига....

До пред некое време ова ќе беше нов судир на водечките во Примера и во Премиер Лигата, но на „Камп Ноу“ вечер ќе истрчаат третопласираниот тим во Шпанија и четвртопласираниот во Англија.

Ни Манчестер Сити нема причини за еуфорија пред мисијата којашто изгледа невозможна. Пред четири дена второлигаш го елиминираше од ФА Купот, а против Барса ќе мора без тренерот Мануел Пелегрини, којшто е суспендиран на два меча поради критиките кон судиите по неуспехот на „Итихад“. На клупата ќе биде неговиот помошник Кусиљас.

И ако на „граѓаните“ ова не им беше прв пораз од Виган, бидејќи од него го загубија и ланското ФА Куп финале, потешко е објаснив киксот на „дрим-тимот“ на Херардо Мартино против Ваљадолид. Третото место на табелата е најлош пласман на Барса во Примера уште од раните денови на Пеп Гвардиола.

Во саботата го немаше Иниеста, но против Манчестер Сити ќе нема простор за алиби. Меси и Нејмар се здрави, Чави подготвен за во средината, нема повредени ни меѓу дефанзивците. Преголем е капиталот од првиот двобој, за да може и да се помисли да се прокоцка.

Згора на се, англискиот тим ќе биде некомплетен. Демикелис е казнет поради црвениот картон, Настасиќ е повреден, па во одбраната ќе мора Лескот. За опоравениот Агуеро мора да има место, а првпат по заминувањето пред две ипол години, овој пат во друг дрес на „Камп Ноу“ ќе се појави Туре.

За прво четвртфинале во шампионската лига, на Манчестер Сити ќе му треба  историски подвиг. Никој никогаш не надоместил негатива по пораз од два гола на домашен терен. Ако се знае која екипа ќе стои спроти „граѓаните“, тешко е да се поверува на вакво чудо токму на овој двомеч.

Ако во Барселона дури и владее некаква неизвесност, четвртфиналето му е сигурно на Пари Сен Жермен. По победата од 4-0 над Баер во Леверкузен поинаков расплет на вечерашниот реванш е невозможен. „Фармацевтите“ само формално ќе го одработат, многу позагрижени што лоши резултати во серија имаат и во Бундес Лигата, па веќе им е во опасност и пласманот во Лигата на шампионите за наредната сезона.

Екипата на Сами Хипија ќе нема што да бара на „Паркот на принцовите“, што ќе му даде можност и на Лоран Блан да поштеди дел од највлијателните играчи во неговиот состав, Ибрахимовиќ и Матуиди. И Верати, Ван Дер Вил и Менез се меѓу оние коишто би можеле да добијат одмор. Сепак, таквиот пристап на „светците“ не би требало да значи и дека Баер ќе има основа и добра шанса за прекин на серијата од само едно реми во последните шест меча во сите конкуренции.