Ковид-19: Над 16 милиони заразени, светот чека вакцина

27.07.2020 13:38

Бројот на заболени од Ковид-19 во светот надмина 16 милиони. Во обид да го запре ширењето на коронавирусот, Мароко ги затвори најголемите градови меѓу кои Казабланка, Маракеш и Фез. Прв сомнителен случај на Ковид-19 и во Северна Кореја...

Не стивнува пандемијата со коронавирусот во светот со повеќе од 16 милиони случаи на заразени. Од нив повеќе од половина се на американскиот континент. Од 1 јули се регистрирани повеќе од пет милиони нови случаи, односно повеќе од третина од почетокот на пандемијата. Починаа над 640.000 луѓе.

Шпанија – најбезбедна земја

И покрај растот на бројот на случаи, шпанската влада тврди дека состојбата е под контрола и дека жариштата се „изолирани и локализирани“. Лондон најави дека патниците од Шпанија од недела задолжително ќе одат во двонеделна самоизолација, а францускиот премиер Жан Кастекс им препорача на французите да не одат во Каталонија. Властите изјавија дека „Шпанија е најбезбедна земја“.

„Каталонија е горда што се смета за туристичка дестинација од прва класа и ги спроведува сите неопходни мерки следејќи ги меѓународните упатства за да се обезбеди сигурност и контрола на ширењето на коронавирусот“- изјави Ким Тора, премиер на Каталонија.

Казни во Италија за неносење маски

Во Италија, властите најавија казни од 1.000 евра за оние што не носат маски во затворен простор.

Австралија бележи раст на бројот на заболени, иако на сила се строги мерки за ограничување на движњето. Во Латинска Америка, Јапонија и Виетнам се откажани прослави и спортски настани.

Во Индија се забележани околу 50.000 нови случаи, а премиерот Моди планира да отвори нови капацитети за тестирање во трите најголеми градови.

„Во последниот месец ипол колку што ги тестираме луѓето, повеќето од повозрасните и оние што страдаат од некакво хорнично заболување се покажаа позитивни на Ковид-19“- вели еден здравствен работник.

Мароко: Се затвораат градови, милиони луѓе во карантин

Во Мароко стапи на сила забраната за влез во некои од најголемите градови во земјата, поради зголемувањето на бројот на случаи на коронавирус. И натаму е на сила забраната за меѓународни летови на националните авио- компании, освен за специјални летови.

Северна Кореја: Прв сомнителен случај на коронавирус

Северна Кореја за прв пат од почетокот на пандемијата пријави „сомнителен случај“ на Ковид-19. Медиумите објави дека едно лице кое пред три години пребегнало во Јужна Кореја, минатата недела нелегално се вратило во земјата со симптоми на коронавирусот. Јужнокорејските медиуми соопштија дека нема индикации дека лицето е заболено од коронавирус. Северна Кореја досега тврдеше дека нема ниту еден заболен од Ковид-19.

Можната вакцина што ја развива универзитетот „Оксфорд“ се покажа успешна во создавањето силен одговор на имунолошкиот систем. Научните списанија објави значителни ветувачки резултати од првата и втората фаза во испитувањата, што ги зголеми надежите за безбедна, ефикасна и достапна вакцина што ќе може да помогне во спречувањето на епидемијата.

Марина Ристова