Скринингот на медиумските работници откри 20-тина заразени со Ковид-19

27.07.2020 15:47

Ковид-19 ѝ се заканува и на медиумската заедница во земјава и затоа со поддршка на здравствените власти се направи скрининг на новинарите, снимателите, монтажерите, возачите. Беа тестирани речиси 600 лица, а 20-тина беа позитивни...

Вирусот ја демне фелата. Медиумската заедница и здравствените власти ѝ се спротивставија со превенција- скрининг на новинарите, репортерите, снимателите и други вработени во медиумите. Пред две седмици беа тестирани од поголемите медиуми кои имаат поголеми редакции, каде седат по 30 или 40 лица или пак националните телевизии, каде во една смена работат повеќемина или одат на терен како екипа. Освен од Скопје, беа опфатени и од штип, Битола, Струмица, Охрид, Куманово, Тетово, Прилеп, и други помали градови во земјава. Следуваа оние од помалите редакции од Скопје близу 200 луѓе. Тестирани беа околу 600 лица. Шестмина имаа позитивен ИГГ тест, дваесетмина, пак, беа позитивни на ИГМ тестот, односно се во акутна фаза на вирусот. Од Здружението на новинарите на чие барање институтот го организираше бесплатното тестирање, велат дека бројките не се занемарувачки и е потребна голема внимателност.

Директорот на ЗНМ, Секуловски посочи дека после изборниот процес во кој медиумските работници беа едни од најизложените, како и последната етапа од првиот скрининг, се наметнува дилемата за можно повторување на скринингот, но за тоа ќе треба да се изјаснат, вели, здравствените власти и медиумската заедница.

Од почетокот на пандемијата во земјава двајца медиумски работници ја загубија битката со оваа болест. Беким Бајрамовски продуцент во телевизија „Спектра“ од Лабуништа и Шенол Ахмети, снимател во Македонската телевизија. Во светот близу 190 новинари починаа од корона вирус.

 

Фиљана Кока