Хотелиерите ги почитуваат протоколите за користење на базените

27.07.2020 16:28

Добро извршените подготовки за спроведување на протоколите за заштита од коронавирусот придонесуваат на базените во охридските хотели да не се доведува во прашање здравјето на туристите. Секако дека има исклочоци, односно гости кои понекогаш сакаат да ги нарушат пропишаните мерки и препораки, но хотелскиот персонал во такви случаи воведува ред...

Шпицот на туристичката сезона во најголемиот македонски туристички центар-Охрид е во полн ек. Како и секогаш во овој период од годината хотелите и плажите се преполни со туристи, се создаваат километарски колони од Охрид кон Свети Наум и обратно, а хотелиерите после подолг период се задоволни од искористеноста на капацитетите. Со оглед на тоа што летната сезона годинава се одвива во специфични услови поради здравствената криза во хотелите се води грижа за почитување на мерките и препораките на Комисијата за заразни болести во собите, рестораните, лифтовите, а особено на базаните.

„Како претставник на хотелските комплекси Лаки-Спа и Хотел Десарет целосно се придржуваме кон мерките дадени од владата на РС Македонија и обрнуваме најголемо внимание во поглед на придржување на мерките во внатрешниот дел на хотелот, така и во надворешниот дел на хотелот, особено во делот на базенот и соодветното растојание кое што е наведено според препораките за лежалките. Со тоа што доколку дојде до отстапување на истите веднаш се реагира од персоналот на хотелите“, изјави Билјана Наумоска Шулеска- шеф на рецепција.

„Мерките во Хотел Маива- Спа се почитуваат и од наша страна и од страна на гостите. Покрај базенот се одржува растојание, се врши дезинфекција, значи масите, лежалките“, вели Наташа Цветаноска- менаџер на хотел.

Гостите кои преферираат да се разладуваат во базените наместо во езерската вода се задоволни од начинот на кој тие се користат.

„Се почитуваат протоколите. Во базенот како што гледате има многу мал број на луѓе или се менуваат наизменично. Ако влезе една фамилија да се побањаат малку 10-15 минути, потоа влегува друга фамилија, има средства за дезинфекција. Кога одиме на доручек или вечера, бидеќи таков е аранжманот што тука го зедовме, не се служи шведска маса, се послужува на секоја маса, значи можат да седнат само луѓе од фамилија“, вели Наце Николов- турист.

Со оглед на тоа што пред нас е илинденскиот продолжен празничен викенд, хотелиерите треба уште подобро да се подготват за спроведување на протоколите за заштита од КОВИД-19, бидеќи најавите велат дека Охрид ќе биде преполн и дека во хотелите и другите сместувачки капацитети ќе се бара место повеќе.

Сашо Нелоски