Се преговара за нов пакет економски мерки

28.07.2020 14:21

Владата преговара со компаниите за четврт пакет мерки. Иако им треба државна помош, компаниите најрано ќе може да ја добијат од септември по формирањето на новиот владин кабинет...

Се преговара за четврт пакет економски мерки. Владата во консултации со бизнис секторот ги анализира потребите на компаниите. Иако велат фирмите уште сега имаат потреба од државна помош, владиниот кабинет нема можност да носи нови уредби и закони. Пакетот мерки би се реализирал од септември, кога ќе биде формиран и новиот владин состав.

Со пет милиони швајцарски франци од кои 3,3 милиони донација од швајцарската влада ќе се помага регионалниот рамномерен развој во земјава. Целта е да се подобри ефикасноста и ефективноста на регионите. Дел од парите ќе бидат наменети за развој на институциите, дел за одржлив инклузивен и рамноправен развој на планските региони. Ќе се воспостави и електронски систем на координација за мониторинг на средствата.

Од Владата информираат дека пролонгирање на рокот за користење на платежните картички не можен. Сите платежни картички за проектот „Купувам домашно“ по приговорите ќе можат да се искористат до крајниот рок односно 15 август. Според УЈП од разгледаните 46.000 приговори, 9.200 се прифатени. Заклучно со 25-ти јули биле издадени над 300.000 картички во износ од 26 милиони евра.

 

Дијана Ценевска