Поднесени претседателските кандидатури на Иванов, Халими и Поповски

12.03.2014 13:53

Претставници на ВМРО-ДПМНЕ денеска напладне ја поднесоа кандидатурата за Иванов поддржана со над 63 илјади потписи од граѓани, како и со потписи од пратеничката група на коалицијата За подобра Македонија.

Кандидатурата за Зоран Поповски од ГРОМ со поддршка од 10 илјади потписи е поднесена вчера, а попладнево до ДИК кандидатура поддржана исто така од 10 илјади граѓани достави лично и кандидатот на ДПА Илијаз Халими.

Се очекува до утре на полноќ кога завршува рокот за поднесување кандидатури за претседателските избори, тоа да го направи  и СДСМ за нивниот кандидат Стево Пендаровски.

Жрепката за утврдување на листата на кандидати за претседател ДИК ќе  ја одржи во понеделник на 17 март. Еден ден подоцна листата треба да биде објавена во Службен весник на Република Македонија.

ДИК веднаш по приемот или најдоцна во рок од 48 часа на листата на кандидат утврдува дали таа е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Доколку ДИК утврди дека во листата има одредени неправилности, го повикува овластениот подносител, да ги отстрани во рок од 48 часа. Според Роковникот за изборни дејствија за претседателските избори, ако пак листата е ненавремено поднесена и не се отстранети неправилностите во рокот утврден во Изборниот законик, ДИК поднесената листа ќе ја отфрли со решение во рок од 24 часа од приемот на листите.

Кампањата за претседателските избори почнува на 24 март.