Јубилејно издание на „Охридско лето“ со скратена, но квалитетна програма

30.07.2020 16:43

На четврти август, денот кога се одбележува роденденот на фестивалот „Охридско лето“ во Античкиот театар ќе биде отворено шеесеттото јубилејно издание на оваа светски позната културна манифестација. Иако поради корона кризата Охридско лето започнува со задоцнување и е скусена програмата, сепак од дирекцијата на фестивалот најавуваат квалитетни музички и драмски настани достојни на високото реноме на фестивалот. Особено внимание ќе биде посветено на протоколите и мерките за заштита од Ковид-19 на уметниците и публиката.

Со концертот на арии под наслов „Вокални бисери- по стапките на Ана Липша“, посветен на основоположникот на Охридско лето, на 4 август денот кога се слави роденденот на фестивалот во Античкиот театар ќе биде отворено 60-тото јубилејно издание на најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава. По традиција на свеченото отворање ќе настапат најголемите ѕвезди, а овој пат тоа ќе бидат познатите солисти Марија Јелиќ-сопран, Дарио Ди Виетри-тенор, Иван Томашев-бас и Аманда Стојановиќ-мецосопран, во пијано придружба на Миливое Велиќ. До 30-ти август на летните сцени во Охрид ќе продефилираат околу 300 врвни уметници од 19 земји кои и ова лето на публиката ќе и приредат незаборавни уметнички доживувања.

„Посебно сме горди што оваа година приоритет им дадовме на нашите македонски уметници, оркестри, театарски куќи. Тоа секако е доказ дека токму тие се столбот на нашата уметничка вредност. Фестивалот „Охридско лето“ е еден од најголемите промотори и афирматори на македонската уметност, на македонските композитори и изведувачи“, изјави Наташа Поповиќ-директор на Фестивалот „Охридско Лето“.

Музичката програма ќе има прекрасна динамика со врвни уметници од многу европски земји, САД, Русија, соседните држави и од нашата земја, а во видео пораката драмскиот селектор Александар Попоски порача дека Охридско лето во доба на корона звучи како наслов на некој роман.

„Ги поканив најдобрите и најхрабрите кои ќе допатуваат од повеќе страни на светот, па и преку океан, со една единствена мисија, за спас на уметноста и културата и нејзино славење во ова чудно време, во градот каде за секој ден има по една црква, каде сонцето гали а езерото тихува, во Охрид градот на светлината и уметноста“, изјави Даница Стојанова- музички селектор.

„Мораме да покажеме колку е важна уметноста, колку е важна културата. Едноставно е човек да се откаже, многу потешко е да се направи она што ние сега ќе го направимеМора да се почитуваат препораките иако контактот е нешто што е многу важно за нас актерите. Ако можам да кажам порака за фестивалот, тоа е ништо нема да не раздели“, рече Александар Поповски-драмски селектор.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот ќе биде промовирана монографијата „Фестивалска проказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска.

Сашо Нелоски