СЗО: Постепено да се укинуваат ограничувањата за меѓународните патувања
Појавувањето на нови случаи на инфекција со коронавирус во делови од светот принуди многу земји да воведат некои ограничувања за патувања.

Земјите треба постепено да ги укинуваат мерките за ограничување на меѓународните патувања по проценка на ризикот и мора да им дадат приоритет на основните патувања за итни потреби, објави Светската здравствена организација.
Појавувањето на нови случаи на инфекција со коронавирус во делови од светот принуди многу земји да воведат некои ограничувања за патувања.
Во најновото упатство за патувања на СЗО се наведува дека земјите мора да ги земат предвид епидемиолошката состојба и локалните начини на инфекција, националното здравство и веќе воспоставените мерки.
Ирска: Рекорден број новозаразени за еден ден
Во Ирска во последните 24 часа биле регистрирани 85 заразени лица со коронавирус, што е рекорден број уште од 22 мај. Од почетокот на епидемијата во земјата се потврдени 26.027 заразени случаи и 1.763 починати.
Бројките покажуваат колку брзо Ковид-19 може повторно да се појави во некоја земја. Властите потенцираа дека е од големо значење луѓето да продолжат да избегнуваат масовни собирања, да одржуваат физичка дистанца, да носат маски и редовно да мијат раце, бидејќи никој не е имун на вирусот и треба да се биде внимателен.
Забележан раст на заболени во Европа и САД
Шпанија регистрираше најголем раст на новозаболени од укинувањето на мерките за карантин на 21 јули. Рекорден број на заболени се 24 часа е регистриран и во Полска.
Бројот на заразени со коронавирус во Германија се зголеми за 870 во изминатите 24 часа, а здравствените власти во Косово регистрираа 258 нови случаи на заразени.
Во Србија починаа седум лица од коронавирус, вкупно 565 лица починаа од почетокот на епидемијата. Во последните 24 часа биле тестирани 8.804 лица, од кои 321 биле позитивни.
Во Хрватска беа потврдени 78 нови случаи на коронавирус од 1.448 тестирани, а три лица починаа.
Во Грција трет ден е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, највисок во изминатиот период.
Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, бројот на починати од коронавирус во САД ја надмина бројката од 150.000 лица, и пандемијата се шири во речиси секоја сојузна држава.
Марина Ристова
