Занаетчиството на респираторна машина
Состојбата со ковид-19 значително влијаеше и врз занаетчиството. Како што тврдат од Занаетчиската комора само изминативе десет дена се затворени 10 занаетчиски дејности. Тие бараат владините мерки за поддршка на стопанството да продолжат до март наредната година, бидејќи во спротивно велат занаетчиите ќе престанат со работа.

25 години се занимавам со оваа дејност и ваква кризна состојба не паметам, раскажува фризерот Јовица Димковски од Куманово. Тој вели дека дел од граѓаните поради страв изминативе месеци воопшто не ги користат салоните за убавина. Дополнува дека бараат различни начини за да платат кирија, бидејќи прометот им е значително намален.
„Од 100 проценти од клиентите некаде 30-40 проценти се исплашени и не доаѓаат. Нема веселби, никакви прослави и многу влијае врз работата на сите нас. Проблемот е голем, се намали прометот мора да се мисли, да видиме од државата како ќе биде“- истакна Димковски.
Од занаетчиската комора потврдуваат дека коронакризата предизвика големи последици врз оваа дејност. Само изминативе десетина дена се затвориле десет дуќани и покрај владините мерки за поддршка на стопанството. Од таму велат состојбата е мошне сериозна и неопходно е продолжување на мерките до март наредната година.
„Јас би го споредил занаетчиството во моментов како пациент болен од ковид-19 ставен на респираторна машина. Моментално ако престанат мерките за поддршка на занаетчиите, занаетчиите ќе ги снема, мислам дека ќе престанат со работа, затоа ние побаравме од Владата да ги земе во предвид нашите барања и да не запира помошта за занаетчии. Бараме минимална плата од 14.500 денари и 100 проценти субенции да продолжат се додека трае кризата“-истакна претседателот на занаетчиската комора на Македонија, Агрон Фазлии.
На ниво на државата се евидентирани 6.000 самостојни занаетчиски дејности, а согласно новиот закон бројот на фирми кои вршат занаетчиска дејност е над 20.000. Во Куманово се регистрирани 600 занаетчиски дејности.
Елена Георгиевска
