Струјата од 1-ви август поскапува за 7,42%
Анализите на регулаторите покажале дека на една просечна сметка од 1.500 денари, зголемувањето на месечните трошоци ќе изнесува околу 100 денари.

Пандемијата со Ковид- 19 ја крена и цената на струјата. Регулаторната комисија за енергетика прифати дел од барањата на енергетските компании и одлучи цената на струјата на регулираниот пазар да се зголеми за 7,42%.
„Евтината тарифа ќе продолжи и натаму да функционира во истиот период како и досега. Заради намалените приходи пред сѐ од извозните компоненти цената на електричната енергија за сите потрошувачи на регулираниот пазар ќе се зголеми за 7,4% и тоа ќе го следиме во наредниот период“, изјави Марко Бислимоски-претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Анализите на регулаторите покажале дека на една просечна сметка од 1.500 денари, зголемувањето на месечните трошоци ќе изнесува околу 100 денари.
Комисијата не ги прифатила целосно барањата на енергетските компании. Игнорирани се трошоците за набавка на мебел и други непотребни стоки, неважни за основната дејност, како и новите вработувања.
„Доколку во целост беа прифатени барањата на компаниите цената на струјата ќе беше зголемена за 22 до 23%. РКЕ тоа не можеше да го дозволи“, изјави Бислимовски.
За да се амортизира ценовниот удар, Регулаторите предлагаат да се зголеми субвенцијата за најранливите категории домаќинства, но и новиот собраниски состав да ја разгледа можниста за намалување на Данокот на додадена вредност на струјата од 18 на 5%, како што претходно се направи со ДДВ-то на парното.
Одлуката за цената на топлинската енергија ќе биде донесена во текот на август, најави Бислимоски, затоа што Комисијата и БЕГ имале сериозни разлики околу цената на топлинската енерегија што била преземена од ТЕ-ТО.
Свето Николовски
