Продолжениот викенд носи ризик од зголемување на бројот на инфицирани со Ковид-19
Продолжениот викенд носи ризик од зголемување на бројот на инфицирани со коронавирусот. Традицијата на празниците Курбан Бајрам и Илинден подразбира масовни собирања, апел за почитување на здравствените препораки упатува инфектологот Вело Марковски. Граѓаните да избегнуваат групарања и во туристичките места. Дневниот билтен со неповолни бројки-шестмина починати и 139 новозаболени во последните 24 часа од Ковид-19...

Продолжениот викенд носи ризик од пораст на бројот на новозаболени со Ковид- 19, предупредуваат инфектолозите. Масовните собирања на Илинден и традиционалните на Курбан Бајрам се дополнителна опасност за ширење на вирусот. Апел да се почитување препораките за носење маски и социјалната дистанца. Туристичките места го живеат шпицот на сезоната, инфектологот Вело Марковски предупредува граѓаните да избегнуваат дружби во поголеми групи.
„Тој што има потешкотии да не излегува од дома или ако излезе да носи маска. Тие што премногу се плашат кога излегуваат во природа да не носат маски. Јавните собири, јавно е и корзото во Охрид каде што има близок контакт, се сериозна закана за ширење или добивање на голем број на позитивни. Самите престои на плажи на метро ипол, два воопшто не се ризични и таму не би требало да се носат маски“, смета инфектологот Марковски.
Според професорот Марковски потребно е сѐ повеќе да се користат серолошките тестови за да се утврдат асимптоматските случаи кои веќе го поминале вирусот.
„Евидентно е дека многу луѓе асимптоматски ја поминале оваа инфекција и имаат антитела. Од таму можеме да извадиме некои научни сознанија. Ова тестирање со ПСР технологија не ни дава релевантни податоци, многу често знае да даде лажно позитивни или лажно негативни, па прави забуни. Мислам дека не треба толку многу да тестираме со таа технологија, туку треба да ги развиваме серолошките тестирања“, вели Марковски.
И ова деноноќие бележи троцифрена бројка на позитивни од Ковид -19. 139 се новоинфицирани, а шестмина починале. Направени се 1.377 тестирања, најмногу заболени има во Скопје. Во болниците низ земјава се лекуваат околу 380 пациенти.
Андријана Атанасовска
