Со концерт посветен на Ана Липша започнува јубилејното 60-то издание на Охридско лето

04.08.2020 11:13

Со концертот на арии „Вокални бисери- по стапките на Ана Липша“, посветен на основоположникот на Охридско лето, вечерва ќе биде отворено шеесеттото јубилејно издание на фестивалот. И овој пат Охридско лето ќе го потврди високото реноме со учество на познати домашни и странски уметнички имиња, кои и покрај корона кризата ќе настапат на најзначајната музичко-сценска манифестација во земјава...

Започнува јубилејното 60-то издание на Охридско лето, кое и покрај ковид пандемијата на Античкиот театар ќе го собере сиот културен и уметнички свет од земјава. Отворањето како и секогаш ќе биде спектакуларно со настапот на познати светски солисти од Србија, Црна Гора и Италија, кои во чест на роденденот на фестивалот и основоположникот ќе го изведат концертот под наслов „Вокални бисери- по стапките на Ана Липша“. До 30 август публиката ќе ужива во бројни настани на отворените сцени во кои ќе бидат вклучени околу 300 уметници од 19 земји. Меѓу нив би ги издвоиле Наталија Трул- пијано од Русија, Христос Гринпас- виолончело од Грција, Кемал Ѓекиќ од САД, Гала концертот и балетската премиера „Болеро“ од Морис Равел во изведба на женскиот балетски ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет. Свој белег ќе остават и театарските претстави меѓу кои е „Бог на масакрот“ на Турскиот театар од Скопје кој годинава одбележува 70 години од основањето

„Како и секоја година така и оваа година Охридско лето има богата програма и во музичкиот и во драмскиот дел. Без разлика на ковид ситуацијата од која што сме сите засегнати и во нашата земја и во целиот свет успеавме да направиме богата програма пред се со наши македонски уметници, исто така и со странски уметници“, изјави Наташа Поповиќ- директор на Фестивалот „Охридско лето“.

Во текот на фестивалот строго ќе се почитуваат протоколите за заштита од коронавирусот.

„Оваа година ќе бидат применети сите протоколи што ни се пропишани од Комисијата за заразни болести, што подразбира држење на дистанца, носење на маски, средства за дезинфекција, исто така мерење на температура на публиката што ќе влегува во Античкиот театар и на останатите отворени сцени каде што ќе се одвива годинешното издание на Охридско лето“, вели Поповиќ.

По традиција, фестивалот ќе го отвори покровителот, претседателот на државата, а во име на македонските уметници ќе се обрати познатата пијанистка и поранешен селектор на музичката програма на фестивалот Снежана Анастасова- Чадиковска.

Сашо Нелоски