Веа е лут на фудбалерите на Милан

12.03.2014 15:13

Поранешниот фудбалер на Милан Џорџ Веа емотивно го коментираше синоќешниот пораз од 4-1 на „росонерите“ од Атлетико во реваншот од осминафиналето од Лигата на шампионите.

Освојувачот на „златната топка“ од 1995-та, на „Твитер“ остро ги критикуваше играчите на седумкратниот европски првак кои во годинашната сезона во елитната конкуренција не ја минаа ни првата елиминациска фаза.

„Ова е скандал што требаше да заврши. Јас би ги сменил сите играчи на Милан и би почнал од нула. Весниците пишуваат лоши работи за Сидорф, но вината не е негова. Проблемот не е во тактиката, туку во играчите чии глави се на нозете и обратно“, напиша екс либерискиот фудбалер.

„Сега ги разбирам зборовите на Бобан, кој тврди дека денешните играчи не се како нас. Сега тие се грижат само за тоа да имаат убав автомобил, добра плата и да си ги видат имињата во весниците. Се сеќавам дека кога почнував да играм ми беше важно да давам голови, а за парите и за луксузот не се грижев“,  се чувствува лутина во зборовите на Веа за кризата низ којашто минува Милан.