Охрид

Непочитувањето на мерките ќе го зголеми бројот на заразени со Ковид-19

04.08.2020 15:56

Охрид беше преполн со туристи во текот на продолжениот празничен викенд. Се чини дека работите во секој поглед излегоа од контрола. Сепак најмногу загрижува тоа што не се почитуваа протоколите за заштита од коронавирусот. Сите се прашуваат колку преполните хотелско - угостителски објекти и плажи ќе придонесат за зголемување на бројот на заразените...

Во текот на продолжениот празничен викенд доколку се цени само исполнетоста на сместувачките капацитети, угостителските објекти и плажите Охрид наликуваше на вистински туристички центар. Меѓутоа доколку се земе предвид однесувањето на домаќините и уште повеќе на гостите градот не наликуваше ниту приближно на познатите европски и светски дестинации. На виделина излегоа неверојатно ниската еколошка свест и здравствена култура. Себичноста и самоволието во услови на пандемија кај некои лица, особено помладите како да го поматија разумот. Сметките за неодговорноста ќе стигнат во наредните 20-тина дена.

„Со оглед дека не се почитуваа препораките на министерството за здравство и на сите епидемиолози во државата очекуваме дека ќе се зголеми бројот на позитивни не само во градот, меѓутоа во градот беше буквално цела Македонија. Веројатно и во другите градови ќе се зголеми бројот на позитивни лица. Ние како болница , како лекари сме подготвени да се справиме со таа работа. И досега добро го менаџиравме овој дел“, изјави Горан Балевски-директор на Општа болница – Охрид.

Ваква неодговорност во секој поглед досега не е забележана во Охрид. Поради тоа охриѓани и поголемиот број од гостите бараат од надлежните да воведат ред.

„Имаше повеќе прекршоци, особено млади околу 20 години, не носат маски. А исто така пред два дена во Охрид за време на викендот групи туристи, две групи туристи по околу 50 луѓе воопшто никој не носеше маска. Интервенирав кај двајца полицајци што беа на плоштадот, тие воопшто не реагираа“- вели туристка од Битола.

„ Старите почитуваат, а младите не. Јас спаѓам во средна генерација, не сум толку млад, но сепак така е.

„Државата треба да преземе мерки“.

Шпицот на туристичката сезона по традиција трае до 20-ти август. Како и секогаш за викендите бројот на гостите ќе се зголемува. Сите совесни граѓани очекуваат да се преземат мерки за да не се повтори дивеењето што се случи во изминатите неколку дена.

 

Сашо Нелоски