Над 100 мртви, повеќе од 4.000 повредени во експлозијата во Бејрут
Над 100 жртви и околу 4.000 поврдени при екплозија на над 2.700 тони амониум нитрат на пристаниште во Бејрут. Шест години бил складиран во магацин во непрописни услови за чување. Моќта на детонацијата била почувствувана и во Кипар. Властите најавуваат двонеделна вонредна состојба...

Над 2.750 тони амониум нитрат, чувани во магацин за пиротехника, се најверојатна причина за екплозијата во Бејрут во која загинаа над 100, а повредени беа околу 4.000 лица. Претседателот Мишел Аун изјави дека во последните 6 години тие биле складирани на пристаништето под несоодветни услови. В среда либанските власти ќе прогласат тридневна жалост. Моќта на детонацијата која се случи во главниот град беше почувствувана и на Кипар.
За утре е закажан вонреден состанок, а властите најавуваат и двонедела вонредна состојба. За санирање на последиците од разорната експлозија ќе бидат одвоени 66 милиони американски долари. Во тек е истрага за причината која го предизвика првин пожарот, а потоа и експлозијата. Врховниот совет за одбрана на Либан предупреди дека одговорните ќе се соочат со најстрогата казна.
„Погрешно време. Либан минува низ сериозна економска криза. Пристаништето е клучно за увозот на храната. Ние зависиме од него“, изјави Абас Алавија, регионален експерт.
„Одев на работа и одеднаш видов чад и оган. За неколку секунди се случи експлозијата и одлетав“, вели Ајман Салман, очевидец.
Израел и Британија изразија подготвеност да му дадат поддршка и помош на Либан. Според официјален Вашингтон, експлозијата била предизвикана од бомба.
„Имав средба со неколкумина наши големи генерали и тие го тврдат тоа. Според нив, детонацијата не била поради производен процес. Тие знаат подобро од мене, и мислат дека е напад. Некаква бомба“, изјави амеркианскиот претседател, Доналд Трамп.
Според дел од аналитичарите, експлозијата веројатно ќе предизвика тектонски промени и на политичката сцена во оваа земја која покрај економската криза се справува и со панедмијата со Ковид-19. В петок се очекува и пресудата во судењето за убиството на поранешниот премиер Рафик Харири во 2005 година.
Маја С. Филдишев
