Течат роковите, почна „трката“ за формирање влада

05.08.2020 13:14

И двајцата лидери на најголемите политички партии, Заев и Мицкоски најавуваат дека ќе обезбедат парламентрано мнозинство. Според Уставот, имаат најмногу десет дена, по што претседателот на државата ќе го довери мандатот на оној кој ќе ги обезбеди условите за состав на владиниот кабинет.

Течат роковите за формирање на новата влада. И двајцата лидери на најголемите политички партии, Заев и Мицкоски најавуваат дека ќе обезбедат парламентрано мнозинство. Според Уставот, имаат најмногу десет дена, по што претседателот на државата ќе го довери мандатот на оној кој ќе ги обезбеди условите за состав на владиниот кабинет.

Заедно со него, мандатарот во рок од 20 дена ќе треба да ја поднесе програмата за работа на Владата, која ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот на СДСМ, веднаш ја исклучи можноста дека ќе преговара со ДУИ, владата да има ротација на премиерското место. „Со 15 пратеници не се станува премиер“, порача Заев. ДПА начелно ја прифатила понудата на СДСМ да биде дел од нова владина коалиција.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, вели ќе разговара со сите за ново парламентарно мнозинство, а во разговорите ќе бидат вклучени и оние партии од коалицијата „Можеме“, кои имаат по еден или двајца пратеници.

Собранието ги верификуваше мандатите на новите 120 пратеници. Нов претседател на законодавниот дом сѐ уште не е избран, тоа ќе се случи кога ќе се формира парламентарното мнозинство.