Бејрут: 100 мртви, 4.000 повредени и 300.000 раселени

05.08.2020 16:41

100 мртви, 4.000 повредени и 300.000 раселени. Ова е најновиот биланс од вчерашната страотна експлозија на пристаништето во Бејрут. Либанските власти излегоа со тврдење дека речиси 300 тони амониум нитрат е причина за таргедијата. Болниците се преполни, нема доволно крвни единици, а болните се префрлаат на тревниците поради скршените прозорски стакла и плафони...

Бејрут, финансискиот центар на Блискиот исток ги преживува веројатно најтешките моменти од постоењето. Пристаништето, по кое градот најчесто се снабдува со храна, е речиси срамнето. Експлодираа скоро 3.000 тони амониум нитрат, експлозив кој се користи во рударството, нестабилна материја во допир со вода. Печурката по експлозијата беше видена и неколку километри од море, или чуена на Кипар, оддалечен 240 километри од Бејрут.

„Одев на работа и одеднаш видов чад и оган. За неколку секунди се случи експлозијата и одлетав“, изјави Ајман Салман, очевидец.

Засега 100-на жртви со над 4.000 повредени се изброени во урнатините. Потрагата по преживеаните е во тек, а 27-годишниот Исам Ата беше извлечен откако бил затрупан 16 часа.

Болниците се преполни, нема доволно крвни единици, а болните се префрлаат на тревниците поради скршените прозорски стакла и плафони. Во една од нив загинаа 16-мина, пациенти и персонал.

„Има штета на сите пет спрата. Од ноќеска ги евакуираме болните надвор и им даваме првична нега. Ги поделивме пациентите, некои од нив ќе ги префлиме во други болници“, вели д-р Камал Хадад- болница „Свети Ѓорги“.

И локалните аналитичари се вчудоневидени од силината на експлозијата, велат такво нешто немале доживеано ниту во полувековните насилства меѓу либанските милиции на Хамас и Хезболах.

„Ова беше катаклизма со магнитуда од 3,3 Рихтери. Во граѓанската војна во Либан, бев сведок на бомбата кога беше убиен премиерот Харири, и на други експозии во кои загинаа политичари, но ништо досега не беше толку страотно“, вели Сами Надер-директор на Левант- институтот за стратегиски работи.

Помошта веќе пристигнува од целиот свет, но и од соседите, блиски или далечни, непријателски настроените, Иран и Израел. Папата Францис од Ватикан молитвата им ја посвети на настраданите, на повредените и на нивните семејства.

„Сите социјални групи во Либан се погодени, ова е трагичен момент, за нив е потребна помошта на меѓународната заедницаза да се надмине длабоката криза низ која минуваат“, рече Папата Францис.

На Либан во моментов сепак му е најнеопходна материјалната и здравствената помош, поради уништеното пристаниште, главна врска за снабдување со брашно, горива и лекови во Бејрут.

 

Зоран Богатинов