Безбедност во вода

Носењето заштитни елеци е најдобар начин да се спречат трагедии

05.08.2020 16:49

Многу дилеми отвори трагичниот случај со малолетникот што се удави во Преспанско Езеро. Главното е како да се гарантира безбедност при користење на пловила како што се педалинките. Од охридската Капетанија најавуваат законски измени и построги правила. Спасителите освен ова, бараат и поголема свест дека носењето заштитни елеци е најдобар начин да се спречат трагедии...

По трагедијата со 16 годишно момче кое се удави скокајќи од педалинка, се наметнаа повеќе прашања, а пред сѐ дали одговорноста треба да се бара во изнајмувачите на овие пловни средства, недоволната законска регулатива, или пак потребна е поголема совесност кај граѓаните.

Од СВР Охрид за Македонската телевизија велат дека заедно со Капетанијата, во рамките на редовните контроли вршат предупредувања, како и тоа дека летово, ова е прв инцидент со педалника.

Капетанијата пак со став- главниот проблем е неносењето заштитни елеци за време на управувањето со педалинката. Велат, има и случаи каде што од крајбрежјето тргнуваат со заштитни елеци, а откако ќе запловат, веднаш ги вадат. Капетанот, Горан Устијановски вели дека во моментов, издавачите на педалинките имаат обврска за давање заштитни елеци и за регистрирање во УЈП, но најавува законска измена.

Претседателот на Црвен крст Охрид и службата за безбедност на вода, Сашо Точков пак, вели дека ваквите несреќи се случуваат со години наназад. И тој проблемот го лоцира во законска регулатива, но и во немањето доволно одговорност кај дел од изнајмувачите на педалинки. Вели, мора да се даваат заштитни елеци, но и да е процени дали лицата што ќе ја изнајмат педалинката се во состјба да управуваат со неа.

Немилиот настан со младото момче во Ресен треба и мора да допре и до совеста на сите граѓаните, без заштитни елеци да не управуваат со педалинките, бидејќи секунди се доволни за трагедија.

 

Марија Котовска