ЛИБАН

Бејрут: Светот праќа помош, граѓаните бараат одговорност

06.08.2020 10:05

Меѓународна помош почна да пристигнува во Либан. Гувернерот на Бејрут ситуацијата ја оцени како апокалиптична. Францускиот претседател Емануел Макрон патува за Бејрут на средби со политичките авторитети на земјата. Во две огромни експлозии во вторникот вечерта загинаа повеќе од 100 луѓе и над 4.000 се повредени. Десетици луѓе се исчезнати, а спасувачите продолжуваат да бараат преживеани. Во земјата тридневна жалост...

Тридневна жалост во Либан. Жителите на Бејрут бараат одговор од владата за експлозијата која усмрти над 135, а повреди околу 5.000 лица. Речиси 3.000 тони амониум нитрат – хемикалија која се користи и за правење на експлозиви – биле непрописно чувани во хангар во последните шест години откако биле растоварени од брод кој пловел под молдавско знаме. Шефот на пристаништето и првиот човек на царинските власти тврдат дека пратиле неколку барања до правосудството за преместување или продавање на овој товар. Владата им одреди домашен притвор на сите раководни лица кои биле одговорни за складирањето и за подготвувањето на документацијата за високоексплозивната хемикалија. Во меѓувреме, Амнести интернешенл побара независна меѓународна истрага за несреќата. Американскиот претседател Доналд Трамп и натаму тврди дека разорната експлозија е веројатно  последица од извршен напад, а не случајност како што соопштија либанските власти.

„Секој што е вмешан во ова ќе одговара. Ќе работиме со сè што ќе ја открие вистината. Но меѓународната истрага треба да биде побарана од парламентот кој ќе предложи закони или одлуки. Ние ги направивме процедурите и не знаеме каде ќе нè однесат. Секоја власт си има процедура и овластувања“, изјави Манал Абдел Самад Најд, министерка за информации.

Според проценките, 300 илјади останале без дом, а штетата се проценува од 10 до 15 милијарди долари. Увозот и извозот периодов ќе се одвивваат преку другите пристаништа во регионот, пред сè во Триполи и Сур.

„Ни се плаче од ова што го гледаме, земјава страда. Кога и да направиме чекор напред, се враќаме десет назад. Немам друг коментар. Нека ни помогне Господ.

„Не верувам дека ни помага владата. Се надевам дека грешам. Се надевам дека ќе ни помогнат. Можеби европските земји треба да почнат да ни помагаат“- велат жители на Бејрут.

Во Либан пристигнува меѓународната помош. Германија прати 50 припадници на цивилната заштита со кучиња- трагачи и 15 тони опрема за лоцирање на затрупаните луѓе. Од Русија пристигна авион со лекари и медицинска опрема, а Велика Британија вети хуманитарна помош во вредност од околу 5,5 милиони евра, како и спасувачи и медицински експерти. Италија помага со противпожарен тим.

Спасувачките екипи остануваат на терен, во трка со времето и во потрага на преживеани меѓу урнатините. Поддршка добиваат и од волонтери.

„Цел живот сум во Либан, имам 24 години, и досега не сум видел катастрофа од вакви размери. Не сме организирани, но се обединивме за да ја исчистиме земјата од корпумпираните и крадците. Денеска носиме метли, ама можеби утре ќе решиме да си заминеме.“

„Овде сме, ние сме револуцинерите. Оваа земја требаше да го чува народот, да му дава храна и вода на секој што е погоден од трагедијата. Ние ја презедовме улогата.

Според дел од аналитичарите, експлозијата веројатно ќе предизвика тектонски промени и на политичката сцена во оваа земја која покрај економската криза се справува и со панедмијата со Ковид-19. В петок се очекува и пресудата во судењето за убиството на поранешниот премиер Рафик Харири во 2005 година.

 

Маја С. Филдишев