Струшките хотели полни, најбројни домашните туристи

06.08.2020 12:11

Струга полна со туристи. Во хотелите се бара место повеќе. Најбројни се домашните гости, кои ги користат ваучерите за туризам. Бидејќи нема странски туристи, прометот во секторот бележи огромен пад. Хотелиерите стравуваат дека кризата во туризмот ќе се почуствува од септември...

И Струга во ек на сезона полна со туристи. До вчера преплавени беа струшките плажи, почнувајки од Машка плажа, преку Калишта до Радожда.

Изминативе денови беа преполни и хотелските капацитети. Хотелиерите велат најбројни се домашните гости, кои ги користат ваучерите за домашен туризам, но силно недостигаат странските туристи.

„За границите што се бараат тестови негативни можеби има поголемо влијание, немaме доволно гости од странство, 90 % се домашни туристи. Во штицот на сезонатa со владината мерка со ваучерите резервациите се прават нон стоп од 15 јули“, вели Ерхан Папранику, хотелиер од Струга.

Во отуство на странските туристи и дијаспората, прометот во туристичката индустрија бележи огромен пад.

„Економски тоа е голем проблем, токму тие гости нашата дијаспора оставаа многу пари, насекаде од ресторани, за угостителски услуги. Да не ги заборавиме свадбитеНие во Охридско- струшкиот регион имавме 1.500 до 2.000 свадби годишно“, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Хотелиерите велат букирани се скоро за цел август, но кризата во туризмот ќе се почуствува од септември.

Соња Рилковска