Јапонија

Одбележани 75 години од нападот врз Хирошима

06.08.2020 12:24

Денеска се навршуваат 75 години откако САД го започнаа првиот напад со атомска бомба во светот врз градот Хирошима. Три дена подоцна беше извршен и втор удар врз Нагасаки. Комеморацијата оваа година беше ограничена како резултат на пандемијата на Ковид-19. Јапонскиот премиер Шинзо Абе ги обнови ветувањата за свет без нуклеарно оружје...

Поминаа 75 години од првата експлозија на атомска бомба врз јапонскиот град Хирошима. Американски воен авион ја фрли на 6 август 1945, од што до крајот на годината од екплозијата и радијацијата, животот го загубија 140 илјади луѓе. Со мерки против пандемијата, 800 преживеани и присутни од 80 држави во светот ја одбележаа годишнината во меморијалот на мирот во Хирошима. 91 годишен преживеан сведочи за бомбардирањето.

„Тоа беше трагично и сурово. Вакво бомбардирање никогаш да не се повтори.“

„Моите родители беа преживеани. Дојдов да одадам почит на сите жртви, за да никогаш не ги заборавиме, иако не успеавме да го уништиме атомското оружје.“

Со молк и тишина во 8 часот и 15 минути, Хирошима се потсети на трагичниот настан. Градоначалникот постави список на вкупно 324.129 жртви од атомското бомбардирање.

„Како единствена нација што страдаше од нуклеарен напад, Јапонија бара во духот на секавањата на Хирошима, светот да се обедини во барањето за стопирање на нуклеарното оружје“, изјави Матсуи Казуми- градоначалник на Хирошима.

Од Хирошима потекна иницијативата на Обединетите нации за Договор против нуклеарното оружје, што САД и Русија одбиваат да го потпишат.

„Почитувајќи ги принципите против нуклеарното оружје, Јапонија ќе служи како мост кон државите што имаат поинакви ставови и ќе апелира да преземат акција кон целта за свет без нуклеарно оружје“, нагласи јапонскиот премиер, Шинзо Абе.

Преживеан од Токио следејќи ја церемонијата на телевизија се сеќава на своите родители кои загинале како последица на бомбардирањето со атомската бомба.

„Коронавирусот нема да ме спречи во кампањата за создавање на свет без нуклерно оружје“, рече Изјава Хамасуми.

Одбележувањето на годишнината од атомската експлозија во Хирошима почна синоќа со молитви за жртвите.

 

Ирина Гелевска