Незначителен пораст на водотеците во кумановско
Неколкудневниот силен дожд проследен со громотевици засега не предизвика сериозни проблеми во североисточниот регион. Како што информираат од Регионалниот центар за управување Куманово регистириран е само благ пораст на водостојот на реките Кумановка, Којнарка и Липковка. Се следат и акумулациите Липково и Глажња. Тие во моментов се во состојба да апсорбираат дополнителни количини вода.

Неколкудневните интензивни врнежи од дожд предизвикаа минимален, благ пораст на водостојот на реките Кумановка, Којнарка и Липковка, информираат од регионалниот центар за управување со кризи Куманово, кои континуирано ја следат состојбата во североисточниот регион. Засега нема можност за поплави, речните корита ја апсорбираат водата. Некогашните кризни точки се заштитените и нема можност за излевање доколку се работи за ваква количина на вода.
„Доколку се работи за порои и интензивни врнежи со подолго време на траење секако дека ќе претставуваат проблем, претежно во градското подрачје, затоа што сепак се работи за тесни грла, улици. Би апелирал населението да е внимателно во секој случај а јавните претпријатија да си ја вршат работата околу редовно чисетење на шахтите и отворите за примање на атмосферската вода“, изјави Горан Стојановски, раководител РЦУК Куманово.
Центарот за управување со кризи Куманово ги следи и акумулациите Липково и Глажња и тие во моментов се во состојба да апсорбираат дополнителни колични на вода. Дека е добра состојбата со браните, потврдуваат и од јавното претпријатие Водостопанство Кумановско-липковско поле.
„Во моментов имаме околу 15 милиони метри кубни вода што претставува доволна количина до крајот на сезоната и за надводнување и за вода за пиење за град Куманово. Со овие дождови очекуваме некаде да стигнеме до 17 милиони метри кубни што ќе претставува доволна количина на вода, за сите намени за кои е предвидена“, вели Оливер Илиевски, директор „Водостопанство- кумановско липковско поле“.
И од подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека земјоделците од североисточниот регион засега не пријавиле евентуални штети на земјоделските култури.
Елена Гепргиевска
