Градинките во Штип нема да наплаќаат паушал за период од април до август
По скоро шест месечна пауза, детските градинки се подготвуваат за работа од септември. Деновиве градинките во Штип се причина за бурни дискусии на социјалните мрежи заради наплата на месечниот паушал за периодот кога не работеа заради корона кризата. Денес штипската локалната самоуправа покрена постапка за ослободување на родителите од овој трошок кој изнесува околу 500 денари месечно...

Градоначалникот на Општина Штип покрена постапка да не се наплаќа месечниот паушал за престој во детските градинки во Штип за период од пет месеци, од април до август. Претходно родителите главно на социјалните мрежи бурно реагираа за обврската за плаќање паушал за период кога децата не посетувале градинка заради добро познатите причини. Во Штип околу 1.600 деца ги користат услугите на детските градинки, ослободувањето од паушал за петте месеци ќе ја чини општината 2,8 милиони денари.
Штипските градинки се подготвени да ги отворат вратите за децата од први септември, анкетите со родителите се во тек, но според протоколите за работа, бројот на деца кои ќе може да се примаат ќе се намали за околу една третина.
Скоро сите општини на истокот најавија дека деновиве ќе донесат одлука во врска со паушалот. Општините Делчево и Виница одлучија во полза на родителите пред неколку дена.
Славица Величковска
