Цените во Охрид високи за македонскиот стандард

06.08.2020 16:10

Според мислењето на експертите во шпицот на туристичката сезона, ако така можат да се наречат само последните десеттина дена од ова лето, цените на хотелско- угостителските услуги во Охрид се високи за стандардот на македонските граѓани. За Илинденскиот продолжен празничен викенд градот беше преполн со туристи, се спиеше дури и на отворено, но прашање е дали така ќе биде и до крајот на сезоната, бидеќи со првиот работен ден бројот на гостите се преполови...

Пред почетокот на туристичката сезона поради состојбата во која се наоѓаше хотелско-угостителскиот сектор експертите посочуваа дека ценовната политика треба да се прилагоди на можностите на домашните туристи и на оние од регионот. Хотелиерите и угостителите тогаш го делеа нивното мислење и така беше до пред две недели кога нагло порасна интересот за Охрид. Веднаш потоа цените беа вратени на минатогодишното ниво, а во дел од објектите дури се зголемени. Понудата и побарувачката го сторија своето, но колку е тоа оправдано?

„Сметам дека тој пазарен механизам треба да биде избалансиран и да се остави простор во наредните години имиџот на Охрид да не биде од типот центар со високи цени, туку со пристапни цени за определен квалитет-соодветна цена. Ако ние го подигниме квалитетот јасно е дека цените можат да се движат во таа насока“, изјави проф. д-р Наум Мариноски- Факултет за туризам и угостителство- Охрид.

Ова лето покажа колку значат странските туристи за Охрид. Мариноски вели дека е позитивно тоа што годинава хотелско - угостителскиот сектор доби субвенции и други бенефиции кои го поттикнаа домашниот туризам. Но големиот наплив на гости во кус период придонесе да дојде до девастација на животната средина.

„Морам тоа да го нагласам без некоја дегутантност, дека странските туристи имаат повисока туристичка култура, односно култура на постојано патување или постојано вклучување во туристичките движења. И култура на однесување во туристичките места и пиетет кон она што го има туристичката дестинација. Пиетет кон здравата животна средина , пиетет кон културата и културните вредности во туристичката дестинација“, вели д-р Мариноски.

И за крај да кажеме дека големиот бран туристи во Охрид ги запали и социјалните мрежи. Се отвори непотребна дискусија помеѓу домаќините и гостите. За посакуваното и добиеното или културата и некултурата. Се случи дури и наплаќање на мостарина која не врати неколку века наназад. Се разбира дека охриѓани како домаќини треба да бидат далеку потолерантни, но гостите мора и треба да знаат дека огромен број од најелитните и најскапите хотелско-угостителски објекти и закупените плажи не се во сопственост на охриѓани, туку им припаѓаат можеби на некој нивни сограѓанин.

Сашо Нелоски