Општина Чаир отвори нов јавен повик за уривање на дивоградбата кај „Мавровка“

06.08.2020 16:17

Од Општина Чаир засега не даваат изјави пред камера, во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам некој не се јавува. Без успех заврши обидот на Македонската телевизија да добие одговор на низа прашања наметнати од дивоградбата од 330 м2 која пред околу два месеци почна да се гради во „Мавровка“...

Што се случува со дивоградбата од 330 м2 која пред околу два месеци почна да се гради во „Мавровка“, како е можно ниту една фирма да не се пријави на тендерот за уривање и што во меѓувреме презема Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам?

Македонската телевизија се обиде да добие одговори на овие прашања од страна на надлежните, но без успех. Во Државниот инспекторат и по повеќе обиди, не се јавуваше никој.

Во Општина Чаир, пак, велат изјави во камера не давале за ниту еден медиум, засега одат само со писменото соопштение од вчера. А во него стои дека денеска општината отвора нов јавен повик од 7 дена за фирма за уривање на дивоградбата која што се појави на местото на кафулето кое изгоре на 1-ви мај.

Инаку, освен неуспешниот тендер за фирма што ќе урива, без успех заврши и јавниот повик во Службен весник, сопственикот сам да ја отстрани дивоградбата.

За урбанистичкиот хаос во овој дел од град доволно говори и фактот што додека дивоградбите се чини никнуваат како печурки по дождот, на само неколку метри од овде, двете фактултетски згради веќе пет години стојат недовршени, а немаат дури ни кровна конструкција.

Кога неколкуте илјади студенти од Факултетите за информатички технологии и физичко образование ќе го дочекаат отворањето на новите згради, останува отворено прашање, но извесно е дека поради долгиот застој, нема соодветни услови во постојните високобразовни установи.

 

Марија Котовска