Пандемија

Ковид-19 кобен за 22-годишен пациент од Скопје

06.08.2020 16:23

Ковид-19 кобен за 22-годишен пациент во земјава. Уште петмина ја загубија битката. Критична состојбата во Скопје, Куманово, Штип, Гостивар, Тетово. Епидемиолозите предупредуваат- постои можност од заболување дури и на оние кои веќе ја победиле смртоносната болест...

Пациент на 22 годишна возраст од Скопје ја загуби битката со коронавирусот, тој е меѓу најмладите починати во земјава од смртоносната болест. Во изминатово деноноќие починале уште петмина. Регистрирани се 113 новозаболени. Состојбата е критична во Скопје, а двоцифрени се и бројките во Штип, во Куманово и во Гостивар.

Коронавирусот сѐ уште е голема непознаница за науката. Засега сѐ уште е нејасно зошто некои повторно заболуваат иако го прележале Ковид- 19. Епидемиологот Даниловски вели дека има повеќе можности. Една од нив е дека антителата траат прекратко.

Тој ова го бјаснува со фактот дека пациентите кои имаат поблаг тек на болеста или немаат симптоми- развиваат помалку антитела и ги губат побрзо. Кај нив е поголем ризикот повторно да се инфицираат од Ковид-19. Потешко болните подолго време се заштитени од вирусот.

„Откако ќе ја прележите болеста кога ќе поминат тие два – три месеци многу веројатно е повторно да може да се инфицирате. Тоа воопшто не значи дека ќе биде со иста клиничка слика заради тоа што има и нешто друго кај организмот, постои нешто што се вика клеточен имунитет кој што го памтат контактот со вирусот првиот пат што се случил, го памтат со години“, вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски.

Од почетокот на епидемијата во земјава дијагностицирани се речиси 11.400 заболени. Активни се повеќе од 3.400 случаи. Починале 517 пациенти.

 

Андријана Атанасовска