Интензивни средби на лидерите на партиите и пораки за јавноста, или пробни политички балони?
Работиме на собраниско мнозинство за напредок на државата во наредните четири години- порача лидерот на Социјалдемократите на средбата со германската амбасадорка, Холштајн. Османи демантира- никој во ДУИ не договорил, ниту со Заев, ниту со Мицкоски. ВМРО-ДПМНЕ побара поголема јавност во разговорите на владејачката партија со можните партнери во власта...
Интензивни и тајни средби на лидерите на партиите и пораки за јавноста, или пробни политички балони во пресрет на можното формирање на новото собраниско мнозинство. И покрај информациите во медиумите дека и двете најголеми партии се на чекор до формирање на влада, од седиштата на СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ нема конкретни детали.
Лидерот на СДСМ, Заев ја информирал германската амбасадорка Холштајн дека СДСМ води сериозни разговори за формирање на ново стабилно парламентарно мнозинство и нова влада. Заради преговорите со ЕУ, заради предвидливоста и економската сигурност, потребно е стабилно парламентарно мнозинство и формирање на стабилна одговорна влада која ќе движи брзо напред- рекол Заев.
Наспроти оптимистичките ставови на лидерот на Социјалдемократите, Бујар Османи од ДУИ демантираше дека имале средби со лидерите на СДСМ, и на ВМРО- ДПМНЕ.
Од ВМРО- ДПМНЕ велат дека се отворени за преговори, но не по секоја цена. Ги повикаа Социјалдемократите да кажат јавно со кого склучиле договор и стабилно мнозинство.
Истовремено, во ВМРО- ДПМНЕ ниту порекнуваат, ниту ги потврдуваат информациите за приближување на ставовите со интегративците на Ахмети.
Миле Ристески
