Се намалува бројот на случаи со Ковид-19, мерките мора да се почитуваат
Состојбата со коронавирусот е стабилна и ситуацијата е под контрола, на што укажуваат податоците за сериозно намалување на бројот на новозаболени во однос на претходниот период и на помалиот број случаи на хоспитализирани...

Состојбата со коронавирусот е стабилна и ситуацијата е под контрола, на што укажуваат податоците за сериозно намалување на бројот на новозаболени во однос на претходниот период и на помалиот број случаи на хоспитализирани, изјави вчера министерот за здравство, Венко Филипче, во гостување на една национална телевизија.
„Во континуитет гледајќи ги неделните анализи бројот на новозаразени се намалува. А тоа се должи на сериозното зголемување на направените тестови, а со тоа и откривањето на асимптоматските пациенти кои се многу битни за спречување на понатамошното ширење на вирусот“, потенцира министерот Филипче.
Филипче смета дека почетокот на вториот бран главно се должеше на непочитување на превентивните мерките.
„Ние сме една од ретките земји која има протокол за апсолутно се. Имаме протокол за работа на угостителски објекти, разни спортски настани, тренинзи, имаме забрана за одржување на натпревари со публика. Вирусот е тука. Нема туку така да го снема“, вели Филипче и додава дека се надева дека нема да дојде до ситуација да има потреба од рестрикција на движење.
Во однос на настаните во кои не се почитуваат протоколите за работа, тој кажа дека мерките и протоколите мора да се спроведуваат, а надлежните институции мора да контролираат и го санкционираат секое непочитување.
