17 пациенти заразени со Ковид-19 на Геријатрија

07.08.2020 13:12

17 пациенти и тројца од персоналот во „13-ти Ноември“ позитивни на Ковид-19. Болните се изолирани од останатите пациенти. Ако бројот продолжи да расте ќе се префрлат во ковид-болниците...

Бројот на заразени со коронавирус во геријатрија се искачи на 17-мина. Двајца се со потешка клиничка слика и се пренесени на Инфективната клиника, тројца се асимтоматски и се хоспитализирани во ковид- центарот во Козле. Заболените биле откриени преку скриниг.

До почетокот на епидемијата во земјава се дијагностицирани речиси 11.400 заболени. Активни се повеќе од 3.400 случаи. Најголем број од нив во Скопје. Досега битката со вирусот ја загубиле 517 пациенти.

Епидемиолозите со став - пациентите со поблаг тек на болеста или симптоми, развиваат помалку антитела. Кај нив е поголем ризикот повторно да се инфицираат од Ковид-19, за разлика од оние што биле во потешка ситуација.

Здравствените власти уверуваат дека интензивно се работи за зајакнување на здравствените установи за третман на пациенти за есенскиот бран. Се зголемува бројот на болнички капацитети, се подготвуваат 16 инфективни одделенија во кои ќе се прави брза дијагностика на коронавирус.

Од Министерството за здравство велат дека веќе е инсталирана модуларна болница до Инфективната клиника, со капацитет од 70 кревети. Отворен е и нов контролен и координативен центар во рамките на министерството каде што ќе се собираат и анализираат сите епидемиолошки податоци од прашалниците на Светската здравствена организација и ќе се дистрибуираат до соодветните служби до санитарниот инспекторат за увид во епидемиолошки дел од стратегијата.

Апел да се почитуваат мерките и препораките за да не дојде до зголемување на бројката на заразени кој сега според надлежните се намалува и има поголем број излекувани од новодијагностицирани.

За неносење маски полицијата во изминатото деноноќие казнила речиси 300 лица.