Поплава во рудникот Суводол на РЕК-Битола

07.08.2020 13:24

Засега не е доведено во прашање работењето на комбинатот согласно со планот и потребите на електроенергетскиот систем, тврдат од Електрани на Македонија. По поплавите на јагленокопите во рудникот Суводол се трошат резервите, ископ и транспорт на јаглен нема.

Во РЕК- Битола продолжува производството на електрична енергија и покрај прекинот на ископ и транспорт на јаглен, предизвикано поради поплавата од вчерашните обилни врнежи дожд.

„Континуираното производство на струја засега не е доведено во прашање и продолжува согласно планот и потребите на електроенергетксиот систем“- соопшти ЕСМ.

Според вработените, ваква временска непогода со интензивни и обилни врнежи дожд во Рудникот Суводол не е забележана во последните 20 години. Вработените на РЕК – Битола со механизација го пренасочуваат текот на водата, за да се намали приливот во делот кедешто се поставени големите багери за ископ на јаглен, кои се практично во вистински мали езера.

Доколку има потреба, на ЕСМ се ставени на располагање и ресурсите на Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и Армијата.

Слична е состојбата и во рудникот Брод Гнеотино, каде што во моментов се врши ископ на кровна јаловина. Вработените со механизација работат на санирање на штетите за да се подготви рудникот за дисконтинуиран ископ на јаглен на почетокот на наредниот месец, за да се добие потребното количество енергенс за грејната сезона 2020-2021.

Во последните два месеца ова е трета поплава на Рудникот Суводол во РЕК Битола.

Свето Николовски