Ковид-19 ги спречи печалбарите да се вратат дома
Ковид-19 ги спречи печалбарите кои работат во воените бази во Ирак и Авганистан да се вратат дома. Американските компании поради рестрикциите не им дозволуваат да го користат својот одмор. Не можејќи да ја издржи ваквата состојба еден кумановец посегнал по својот живот. Каква е состојбата во кампот за МТВ раскажува триесетгодишниот Немања Спасиќ, кој одморот го чека веќе седум месеци...

Пандемијата ги спречи многумината кумановците кои работат во воените бази во Ирак и Авганистан да се вратат дома. Тие од почетокот на кризата чекаат компаниите да им дозволат да го искористат своето право на одмор. Како е во моментов во еден од камповите, за МТВ раскажува, триесетгодишниот Немања Спасиќ кој, веќе седум месеци е во исчекување да се врати дома. Согласно договорот по секои три месеци поминати во база, има право на одмор.
„Сите летови досега беа откажани од и до Авганистан и немаме никакви информации кога ќе почнеме со ротација, одење на одмор. На секого му фали семејството, домашниот амбиент, другарите, ќе се слушнеш преку интернет, меѓутоа тоа е само мала утеха привремено. Некој од колегите имаше смртен случај и немаше никаква опција да замине дома во најтешките моменти кога требаше да биде таму, замислете само тоа колку е тешко“- вели Спасиќ.
Состојбата со ковид-19 дополнително го зголеми стресниот момент кај овие лица, оценуваат психијатрите. Градот неодамна беше шокиран од веста дека еден Кумановец посегнал и по својот живот не можејќи да ја издржи ваквата состојба. Престојот во воена база, одалеченост од семејството, посебниот режим на функционирање во ваква здравствена состојба, влијае врз овие лица и постои ризик да се јави посттрауматско растројство, објаснува психијатарот Богдановска-Тоскиќ.
„Во услови кога и дополнително имаме ограничување на движењето на слободата на избор каде да се престојува, што да се работи, можат и да доведат до вакви последици односно до отворање на големи егзестенцијални прашања каде што анксиозноста е неподнослива и веројатно таквата индивидуа веќе ги исцрпела сите свои психолошки одбранбени механизми и се решила на еден трагичен чекор“- вели психијатарот Богдановска- Тоскиќ.
Психијатрите оценуваат дека е многу важно по враќањето од воените подрачја печалбарите да побараат помош и совет.
Елена Георгиевска
