Иванов, Поповски и Халими ги доставија кандидатурите до ДИК
Тројцата претенденти за претседателската фотелја, Ѓорге Иванов, Илијаз Халими и Зоран Поповски и официјално до Државната изборна комисија ги доставија кандидатурите. Според најавите, Стево Пендаровски тоа ќе го стори утре. Рокот истекува на 13-ти на полноќ...

Ѓорге Иванов, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, ја достави кандидатурата за претседател до Државната изборна комисија.Освен над 63 илјади собрани потписи од граѓаните само за неколку дена,беа доставени и потписите од 30 пратеници на коалицијата „За подобра Македонија“.Попладнето потписите ги приложи и кандидатот на ДПА Илијаз Халими. Од матичната партија велат дека тој е консензуален претседател на Албанците во Македонија.
„Професор Илијаз Халими е почитувана личност на политичката сцена. Професор Илијаз Халими е консензуален кандидат на Албанците“, вели ¤Орхан Ибраими од ДПА.
Според најавите,кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски номинацијата ќе ја достави утре, со потписите на 30 пратеници.
Утре на полноќ истекува рокот за доставување на кандидатурите за претседател на Република Македонија до Државната изборна комисија.
Комисијата за лустрација ги проверува кандидатите за претседател. Како што изјави за МТВ портпаролот Предраг Димитриевски,за Иванов, Халими и за Поповски нема пречка да извршуваат јавна функција.Тројцата претходно како функционери го поминаа филтерот на лустраторите.
Државната изборна комисија го достави до Финансии предлог-планот за изборните дејствија. За претседателските и за предвремените парламентарни избори се очекува да бидат потрошени над 8 милиони евра.
Милчо Велевски
