Политика

Интензивни разговори за формирање нова влада

10.08.2020 10:22

Водиме интензивни разговори за формирање на нова влада. Најчесто ваков е одговорот од СДСМ и ДУИ, без да се откриваат конкретни детали. Алијансата на Албанците би учествувала во влада со ДУИ само ако Насер Зибери биде премиер. И од ВМРО-ДПМНЕ без нови детали за разговорите. Спикерот на Собранието во заминување, Џафери сѐ уште не го известил претседателот Пендаровски дека парламентот е конституиран...

„Ги продолжуваме сериозните разговори за формирање стабилно парламентарно мнозинство и влада со полн 4-годишен мандат“, порачуваат од СДСМ. Партијата почна да ги исцртува контурите. Оттаму велат дека земјава нема друга алтернатива освен членството во НАТО и во ЕУ. На средбата со досегашниот партнер ДУИ се согласиле дека е потребно целосно да се почитуваат договорите со соседите и рамковниот од Охрид.

„Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на сдсм и дуи. Неопходни ни се квалитетни, одговорни и отчетни кадри предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципите на евентуалниот коалициски договор. Партиите се согласни на прочистување на правосудството и на проверка на потеклото на пари и капитал кај секој функционер, по пат на систем што заеднички ќе биде договорен.“

И покрај ваквите сигнали од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека најавените коалиции на социјалдемократите траат само неколку часа, па оттука сметаат дека СДСМ треба јавно да каже дали има мнозинство во Собранието и дали ќе направи влада. И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека работат на формирање парламентарно мнозинство.

Во меѓувреме, од Алијансата за Албанците сигнали дека би влегле во влада со ДУИ, но само ако Насер Зибери е мандатар, а тоа како што вели генералниот секретар на партијата Таравари е поради кандидатот, а не поради интегративците со кои имаат спротивни концепти. Од Алтернатива на Гаши, пак, велат дека не влегуваат во преговори без нивниот коалициски партнер Алијанса.

Ирина Гелевска