Економија

Работодавачите од новата влада очекуваат нови мерки за спас на стопанството

10.08.2020 11:42

Економијата трпи последици поради корона кризата. Од јули не важи владината уредба за финансиска поддршка на работодавачите. Од новата влада ќе бараат државата да ги плаќа вработените кои не одат на работа поради пандемијата, а се на платен список...

Нови економски мерки за помош на стопанството сега, а на текстилните компании посебно во месеците септември и октомври бараат работодавачите. Намалениот обем на работа, осипувањето на вработените од причини поврзани со корона кризата, како и дополнителните трошоци се во пораст, заради што државна помош за опстанок на стопанството е повеќе од потребно, вели првиот човек на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров, кој се надева дека владата бргу ќе се формира и ќе понуди сет мерки за спас на стопанството

Злоупотребата на сетот владини мерки од страна на околу 700 компании го потврди сомнежот дека помошта од државната каса може и да не стигне до оние за кои е наменета. Организацијата на работодавачи го осудува овој чин, но смета дека не треба да се ставаат во ист кош сите компании. Димитров додава дека владата има начин да ги санкционира сите компании кои не ги почитуваат законите.

Објавувањето на компаниите кои не работат според законот е убава пракса, смета Димитров, но додава дека редовно на увид на јавноста треба да биде и листата на компании кои се најредовни во плаќањето на обврските и кои најповеќе го полнат државниот буџет.

Славица Величковска