Граѓаните дома, дрвокрадците на планина
Шумата на Шар Планина не престанува да се уништува. И додека на сила беше одлуката за ограничено движење како една од мерките против пандемијата од Ковид-19, на Шара се слушаа моторните пили кои ја опустошуваа планината...

Граѓаните дома, дрвокрадците на планина. Полициските часови дрвокрадците ги искористија за дива сеча на Шарпланинскиот масив. Самата слика на терен говори дека станува збор за организиран криминал, велат планинарските друштва.
Со соголени терени не можеме да ја промовирама Шара пред туристите. Се сечат големи површини на шума покрај планинарските патеки, каде повеќе ги нема прекрасните пејсажи и длабоки сенки, каде се восхитувале пред се странските туристи.
Од Шумската полиција, велат дека има дрвокрадство на Шарпланинскиот масив, но за разлика од пред неколку години е намалено. Состојбата може да се подобри, доколку се воведе реонска полиција во шумските предели.
„За да имаме поголема ефикасност шумските полицајци треба да се грижат за одредени реони на шумата, а тоа ќе бара и вработувања на повеќе полициски службеници. Во тој случај ќе има поголема контрола на теренот, за разлика од сега кога шумската полиција е патролна и во зависност од план програмата контролира одреден терен во одредени денови“, велат од Шумската полиција.
Планинарските друштва и институциите надлежни за чување и грижа на Шара се надеваат дека со прогласување на ова планинско подрачје за Национален парк целосно ќе се заштити овој предел, а со тоа ќе се вратат и зголемат бројот на туристи.
Зоран Димовски
