СВЕТ

Белорусија: Хаос по изборите, во Минск протести

10.08.2020 14:27

Судири меѓу полиција и демонстрантите вчеравечер во Минск и Брест, по објавувањето на резултатите од претседателските избори во Белорусија. Победа на Александар Лукашенко за шести мандат, граѓаните незадоволни. Долгогодишниот претседател вети дека ќе го задуши секој протест...

Победата на Лукашенко не е за изненадување, неизвесно беше само дали тој ќе победи уште во првиот круг бидејќи имаше сериозен противкандидат, вели добриот познавач на приликите во земјите од поранешниот Советски сојуз, Адамчевски.

Како и во претходните изборни циклуси во минатите 26 години и овојпат се покажа дека тој може да организира административна поддршка за избори на кои тој ќе биде апсолутен победник.

Високиот процент на излезност се должеше на надежите и на опозицијата и нивните поддржувачи за промени, но се чини дека оваа излезеност му овозможија простор за манипулација и му помогна на Лукашенко да ја бетонира победата. Во моментов зад него, вели аналитичарот Адамчевски, не стои никој, дури ни Путин, иако тој прв му ја честита победата.

Меѓународната заедница не успеа со санцкии да придонесе за уривање на тоталитарниот систем во Белорусија и тоа најверојатно ќе потрае. Лукашенко е итар политичар. Тој во предизборието ги залади односите со Путин за да и се додвори на меѓународната заедница, но таа не го занемари фактот што се работи за последниот тоталитарен претседател во Европа кој сака да остане водач уште 5 години, кој и веројатно ќе остане. Од друга страна повикот на опозицискиот кандидат Светлана Тихановскаја до властите да бидат потрпеливи и до демонстрантите да не провоцираат покажува нови сигнали.

Спротивно на Путин, Полска побара свикување вонредна седница на Европската унија за да ги разгледаат прашањата околу изборите во Белорусија.

Фиљана Кока