Тенис – Индијан Велс

Мирен вовед во четврфиналните пресметки!

12.03.2014 17:06

Без големо изненадување мина втората осминафинална сесија на тенискиот турнир во Индијан Велс

 Не се тоа ниту елиминациите на осморангираните на турнирот и во машка и во женска конкуренција, затоа што и Гаске и Квитова загубија од противници со позиција на носители и со победничко искуство.

Иако не е во формата од пред неколку сезони, Шпанецот Вердаско не смее да биде отпишан. Како 30-ти носител, Вердаско со 7:6 и 6:1 го совлада Французинот Гаске. Негов следен противник ќе биде 12-от фаворит, Американецот Иснер за чиишто сервиси Лу од Кинески Тајпеј немаше решение, па домашниот тенисер триумфираше со 6:3 и 6:4.

Вториот светски тенисер Ѓоковиќ победува, но не импресионира. Славеше со 6:1, 3:6 и 6:1 против Колумбиецот Гонзалез, но вистинска проверка дали Србинот се штедеше и не играше во полн ритам ќе биде неговата четвртфинална пресметка со Чилиќ. Хрватот игра одлично и 20-та победа сезонава ја оствари без проблеми во дуелот со Шпанецот Робредо со 6:4 и 6:3.

Иако Робредо и претходно Надал испаднаа, Шпанија сепак ќе има тројца претставници во завршницата на првиот мастерс од серијата 1000.  Лопез го загуби првиот сет со 6:1, но во преостанатите два беше поуспешен од Кукушкин од Казахстан со 6:3 и 6:4 и за влез во четворката најдобри ќе му се спротивстави на Бенето. Французинот со 7:6 и 6:1 беше поуспешен од квалификантот Тием од Австрија. Баутиста Агут се израдува на победа од 6:2, 4:6 и 7:6 во мечот со Финецот Ниеминен и во четвртфиналето ќе игра со Гулбис затоа што Летонецот како 20-ти носител со 2:6, 6:1 и 7:5 го исфрли 15-от фаворит, Димитров од Бугарија.

Пресметките меѓу осумте најдобри почнуваат вечерва. Двојната програма преноси на МРТ собранискиот сервис ќе почне околу 19 часот и 30 минути ќе ги содржи дуелите Раониќ (Канада) - Мареј (Велика Британија) и Вавринка (Швајцарија) - Андерсон (Јужна Африка).

Четврфиналето кај дамите ќе донесе реприза на дуелот за трофејот во Мелбурн меѓу Ли и Цибулкова. На шампионката од Австралија опен Ли и беа потребни 11 меч топки за да го скрши отпорот во вториот сет на Канаѓанката Вознијак. Кинеската тенисерка триумфираше со 6:1 и 6:4. Цибулкова пак, ги спаси сите пет брејк топки и ја елиминираше Квитова од Чешка со 6:3 и 6:2.

Второрангираната на турнирот во Калифорнија Радванска од Полска постојано ја бркаше брејк предноста на Французинката Корне, но иако со многу мака сепак победи со 7:5 и 6:3 иако резултаот не го покажува тоа. Четврфинална противничка на Радванска ќе и биде Јанковиќ која на убедлив начин ја прекина серијата од пет порази во меѓусебните дуели со Вознијацки од Данска. Србинката славеше со 6:3 и 6:1.

Италијанката Пенета не и дозволи уште една голема победа на сонародничката Џорџи која во минатото коло ја совлада Шарапова и триумфираше со 6:2 и 6:1. Во четврфиналето Пенета ќе се соочи со домашната тенисерка Стивенс која со 6:3 и 7:5 беше подобра од Русинката Клејбанова.

Во завршницата една против друга ќе играат  Халеп и Делаква. Романката која е шеста фаворитка со 6:2, 1:6 и 6:4 ја елиминираше Канаѓанката Бушар, додека Австралијката која турнирот го почна во квалификациите меѓу осумте најдобри влезе откако Американката Дејвис поради повреда го предаде мечот.