Белорусија: Продолжуваат нередите по изборните резултати

11.08.2020 12:03

САД, ЕУ и ОН со осуда за насилствата во Белорусија. „Опоизициската лидерка Светлана Тихановскаја замина од Белорусија и е безбедна во Литванија“, соопшти белоруското МНР...

Уште една ноќ со протести и немири во Белорусија. Десетици се повредени, има и нова жртва од  детониран експлозивен уред. Демонстрантите и натаму одбиваат да ги прифатат резултатите од претседателските избори на кои триумфираше Лукашенко и успеа да го продолжи својот мандат до 2025 година.

„Не сакаме веќе да гласаме за истиот кандидат. Сакаме нова Белорусија, поинаква.

„Нема потреба да гласа, бескорисно е. Уште од времето на другарот Сталин. Сега не е најважно како гласаме, туку кој ги брои гласовите.

„Како што можете да видите и сами, ги приведуваат луѓево без причина. Изборите беа неправедни. Претседателот кој добил 80% од гласовите се плаши од сопствениот народ.

Поради нередите, главната опонентка на актуелниот претседател, Светлана Тихановскаја избега во Литванија. Лукашенко ја заострува реториката кон противницте и тврди- опозицијата е марионета на странските сили.

„Чешка е еден од кукларите. Денешната обединета опозиција е управувана од Чешка. Овие овци, извинете ми на изразот, не знаат што се бара од нив. Наредбите продолжуваат да пристигнуваат, како „изнесете ги луѓето на протест“  и, цитирам „почнете разговори за доброволно предавање на моќта“. Тоа значи дека Лукашенко треба да доброволно да ја предаде власта иако освои 80% од гласовите“, изјави Лукашенко.

Поддршка и честитки за победата од Русија, Кина и неколку поранешни советски нации. САД и европските лидери ја осудија полициската интервенција против демонстрантите, предупредувајќи дека ситуацијата ќе ги попречи обидите на Лукашенко да ги среди односите со Западот.

„Полска, како членка на ЕУ и сосед на Белорусија, ќе се стреми да биде активна во овој контекст. Сè уште е можно да се зближат Белорусија и Унијата, односно Западот. Помирувањето мора да се базира врз почитување на законот и основните демократски вредности. Очекуваме белоруските власти да запрат со угнетувањето и да почнат вистински дијалог со граѓаните“, рече Јачек Чапутович, министер за надворешни работи на Полска.

Во последниот период, револтот кон Лукашенко дополнително се зголеми и поради одговорот кон пандемијата со ковид-19. Тој ја негираше сериозноста на вирусот, советувајќи ги граѓаните да користат вотка и сауна за да се заштитат. Во Белорусија, којашто има 9 и пол милиони жители, досега се регистрирани околу 70.000 заразени и 600 смртни случаи.

 

Маја С. Филдишев