Либан: Државниот врв бил предупреден за опасноста
Либанските челници од разузнавачите уште пред еден месец биле предупредени за опасност на пристаништето. Во Бејрут продолжуваат протестите. Претседателот Аун ги прифати оставките на премиерот Диаб и на министрите, а земјата е практично пред банкрот...

Либанските разузнавачи минатиот месец ги предупредиле премиерот и претседателот дека складираниот амониум нитрат во Бејрутското пристаниште е безбедносен ризик и ако експлодира, може да го уништи главниот град. Нешто повеќе од две недели подоцна се случи катастрофалната експлозија што го уништи најголемиот дел од пристаништето, уби над 200-те лица, а повредени повеќе од 6 илјади. Извештајот на државната безбедност, со кој се потврдуваше кореспонденцијата со претседателот и премиерот, не е претходно објавен.
Претседателот Аун минатата недела потврди дека бил информиран за материјалот. Тврди дека го упатил генералниот секретар на Врховниот совет за одбрана, под чија надлежност се либанските безбедносни и воени агенции со кои претседава претседателот, да „направат сѐ што е потребно“.
Преписката може да предизвика дополнителни критики и јавен бес дека експлозијата е само последниот, ако не и најдраматичен, пример за небрежност на владата што веќе го дотера Либан кон економски колапс.
Во меѓувреме, додека во земјата се случуваат масовни протести, владата на премиерот Диаб поднесе оставка. Ќе остане како привремена администрација сè додека не се формира нов кабинет.
„Ние сакаме да ја отвориме вратата за национален спас во кое се вмешани либанците. Денес ја следиме волјата на луѓето во нивно барање да ги сносиме последиците. Оние што се одговорни за катастрофата се кријат веќе седум години и немаат желба за вистинска промена“, изјави Хасан Диаб-премиер на Либан.
Либан може да остане без леб за околу две и пол недели. 85 проценти од житото доаѓа преку пристаништето во Бејрут, уништено во експлозија во минатиот вторник, предупредува Светската програма за храна. Реконструкцијата на Бејрут се очекува да чини и до 15 милијарди долари. Либан речиси е во банкрот со вкупни загуби кои надминуваат 100 милијарди долари.
Милчо Велески
