Месецов ново поевтинување на лековите
Само за две години, откако почна да се применува новата Методологија, намалени се цените на над 3.000 медикаменти. Веќе се токми нова корекција...

Месецов ќе има ново поевтинување на лековите. Според досегашната практика, корекцијата на цените се прави два пати годишно, во март и во октомври. Само за две години, откако почна да се применува новата Методологија, намалени се цените на над 3.000 медикаменти. Веќе се токми нова корекција.
„Во тек е разгледувањето на лековите кое ќе донесе петто намалување на цените. Во наредниот период ќе има ново намалување како на оригинаторите така и на генеричките лекови. Ова намалување ќе биде објавено на 15-ти март, по што ќе ги сумираме резултатите од заштедата“, изјави Катерина Алексовска, директор на Бирото за лекови.
Бранот поевтинувања ги зафати и лековите за болничка употреба и лековите што се продаваат во аптеките.
„Ова е позитивна работа, бидејќи факт е дека на повозрасните им се потребни лекови, колку се пониски цените, толку е подобро за нив...Цените се намалени во однос на претходните години...Да, мислам дека се намалени цените...Тие на рецепт се евтини...Мислам дека треба уште да поевтинат“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Вкупните заштеди досега се проценуваат на 30 милиони евра. Сега повеќе пари остануваат и во здравствените установи.
„Ни остануваат повеќе пари во Буџетот кои потоа можеме да ги пренамениме за подобрување на квалитетот на лекувањето, за подобрување на квалитетот на хигиената, со еден збор да го подобриме престојот на децата во Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле“, изјави Оливер Зафировски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата - Козле
Со првото намалување беа опфатени 1.792 медикаменти за лекување кардиоваскуларни и респираторни болести, за лекување епилепсија, остеопороза, за хормони. Поевтинувањето во просек беше 28 проценти. Со второто намалување цената падна на уште 346 лека. Со третиот бран поевтинија 202 лека за алергија, за белодробни, гастро, онколошки и кардиоваскуларни заболувања, а поевтинија и дел од антибиотиците. Четвртото намалување кон крајот на минатата година опфати 752 најразлични лека, а кај дел од нив цената се намали и за 80 проценти.
Новиот систем за регулирање на цената на лековите се покажа како успешен проект, па дел од околните земји најавија дека и тие ќе почнат да го користат. Откако почна да се применува, не се појави никаков недостиг од лекови и ниту една компанија не ги повлече производите од македонскиот пазар.
Мартин Пушевски
