Онлајн наставата несоодветна за лицата со попреченост
Лицата со попреченост, родителите но и наставниците не биле подготвени за онлајн настава, покажува извештајот на народниот правобранител, кој е доставен на разгледување до Министерството за образование и наука. Анализата укажува дека наставата била неуспешна поради карактеристиките, можностите и способностите за учење на овие лица. Голем дел од децата немале ниту ресурси за да следат настава од далечина. И од кумановското здружение Инклузива потврдува дека најпогодени од состојбата се учениците со попреченост, и затоа итно мора да се најдат правилни решенија.

Наставата преку онлајн платформите е несоодветна за учениците со попреченост и не може да ја замени директната лице в лице работа, стои во посебниот Извештај на Народниот правобранител, кој е доставен до Министерството за образование и наука. Анализата покажува дека образованите институции не биле целосно подготвени за далечинско учење, особено на почетокот на корона-кризата. Меѓу најпогодените од состојбата се учениците со попреченост, поради нивните карактеристики, можности и способности за учење.
И од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово, сметаат дека наставниците, родителите ниту пак учениците со попреченост биле подготвени за една поинаква настава. Велат многу од децата кои живеат во рурални средини немаат пристап до интернет, а семејствата не се обучени за онлајн настава.
„Би апелирале до училиштата ако не се подготвени доволно да изнајдат начин преку министерствата да се обезбедат средства и сите помагала што ќе треба образованиот процес да биде ист како на другите дечиња. Ако е онлајн настава да биде навистина така, да има посветеност на наставниците, да бидат вклучени и образованите и личните асистенти, не смее родителитот да биде оној кој постојано ќе биде до детето, тие мора да имаат приходи за да обезбедат дополнителни средства за таков вид на настава“- вели Благица Димитровска од Здружението Инклузива.
Од ова здружение укажуваат дека надлежните итно мора да донесат правилни решенија за начинот на изведување на наставата која треба да започне за неполн месец, но притоа особено да внимаваат на заштита на здравјето на учениците со попреченост, кои се во ризичната категорија за инфекција од ковид-19.
Елена Георгиевска
