Грција бара итен состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ

12.08.2020 13:04

Грција бара вонреден состанок на шефовите на дипломатиите на ЕУ поради одлуката на Анкара да почне сеизмичко истражување на спорна област во Источниот Медитеран. Турција ги отфрли обвинувањата. Официјален Брисел загрижен поради последните случувања во овој регион.

Грција инсистира на вонреден состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, поради одлуката на Турција да почне сеизмичко истражување во спорната област на источниот Медитеран. Спорот околу морското плато  меѓу двете членки на НАТО ескалираше во понеделникот, откако турската морнарица објави дека нејзиниот брод „Орук Реис“ ќе спроведе истражувачко ископување во потрага  за енергетски извори во наредните две недели. Грчкото МНР ја обвини Анкара за водење  воинствена дипломатија.

„Турција одлучи да се врати на добропознатите илегални активности. Уште еднаш докажаа дека се лажни и неискрени изјавите за подготвеност да се вклучат во дијалогот. Докажаа дека ги заобиколуваат модерните перцепции кои ги водат земјите во 21. век, дека живеат и функционираат како во 19. Век“, изјави Никос Дендијас, министер за надворешни работи на Грција.

Турција ги отфрли тврдењата дека операциите биле незаконски. 

„Во оваа фаза, никој не може да ја обвини Турција за непокажување на добра волја. На спротивната страна имаме земја со лоши намери. Ако некој треба да се обвини, тогаш тоа е Грција“, изјави Мевљут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција.

Официјален Брисел изрази загриженост за последните случувања. Конечната одлука за состанокот ќе следува по консултациите на министрите кон крајот на месецов.

„Најновите случувања се загрижувачки, зголеманата тензија не е одговор на ниту еден  проблем во регионот. Тоа ќе доведе само до поголем  антагонизам и недоверба. Сега треба да се им се посвети внимание на сите отворени прашања , во согласност со начелата за добрососедски односи, меѓународното право и позитивниот пристап“, вели Петер Стано, портпарол на ЕК.

Односите меѓу Турција и Грција се дестабилизирани со децении поради серија прашања. Од 70-тите години на минатиот век, овие две земји беа три пати на работ на војна. Еден од споровите беше предизвикан поради та за ископување во Егејско Море.

Маја С. Филдишев